| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ Скопје на два чекори до одбрана на титулата

Актуелниот македонски шампион МЗТ Скопје се доближи на два чекори до одбрана на титулата, по вечерашната победа од 89-81 во Гевгелија проти Кожув.

Тимот од населбата Аеродром лошо го почна мечот, имаше 10 поени негатива на средината од првиот период, кога почна шоуто на нивниот бек Кејд Дејвис. Американецот испали рафална стрелба од тројки, погоди 4 удари од далечина и иницираше пресврт за предност на МЗТ Скопје од 26-21 по првиот квартал од вториот финален натпревар. Дејвис ја продолжи серијата, беше незапирлив за одбраната на Кожув и со 27 поени до полувремето го декласира противникот. Дејвис погоди 6 од 7 обиди за три поени, а имаше вкупно само две промашувања од 12 удари од поле во првиот дел. На пауза меѓу двете полувремиња МЗТ Скопје замина со предност од 47-34.

Кожув се обиде да се врати во игра, во последната четвртина намали на само еден поен разлика, 63-64, но домаќините немаа сили за целосен пресврт. Тодор Гечевски погоди две тројки, одлично играа и Дамјан Стојановски и Ѓорѓи Чековски, па МЗТ направи серија од 14-0 за недостижна предност од 78-63, што ја навести и втората победа во финалната серија. Дејвис беше најефикасен на натпреварот со 33 поени, одлично одигра и Гечевски со 20 поени и 7 скока, а солидни настапи имаа и Стојановски и Чековски. Дамјан даде 12 поени, а Чековски уфрли два повеќе со 9 скока. Кај домаќините се истакна српското дуо Пековиќ и Божовиќ, кои искомбинираа 30 поени. Следниот меч е на 24. мај во Скопје, а шампион ќе биде екипата што ќе забележи 4 победи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top