| четврток, 6 декември 2018 |

Роденденот влијае на кариерата, но не заради хороскопот

Можеби ќе ви звучи чудно но датумот на кој сте родени може да влијае врз успешноста во вашата кариера. Според истражувањата спроведени на Универзитетот на Британска Колумбија, само 6 проценти од врвните луѓе на најдобрите 500 компании се родени во јуни, а дури и помалку 5,8 проценти во јули. Во споредба со нив, мартовските деца сочинувале 12,5 проценти, а априлските 10,6 проценти.

Според Морис Леви, еден од коавторите на студијата, истражувањата покажуваат дека летните деца имаат помали постигања во ранкингот на најдобрите лидери на компании заради т.н. „роденденски ефект“, феномен кој се појавува заради групирањето според возраста на децата во училиште.

Според правилата во САД, крајните датуми за примање во школо на првачињата се во септември, па децата родени во летните месеци се најмлади во својот клас, додека оние родени во Март и Април најстари.

-Постарите деца во рамки на истиот клас се со тенденција да постигнуваат подобри резултати од најмладите, кои се помалку интелектуално развиени- објаснува Леви.

Раниот успех во училиштето честопати е наградуван со доделување на лидерски улоги и зголемена можност за додатни бенефиции во образовниот процес кои водат кон идна предност која се потенцира во текот на животот.

Леви со своите соработници, инаку поранешни студенти на истиот универзитет, испитале примерок од 375 луѓе на раководни позиции од 500 најдобри компании во периодот од 1992 до 2009 година со цел да го утврдат ефектот на датумот на раѓање.

Заклучокот од овие испитувања бил дополнување на се побројните докази дека начинот на групирање на учениците во системот на образование според возраста влијае врз нивниот успех во животот.

Според Леви и соработниците опасноста од овој систем на групирање лежи во фактот дека можеби на овој начин се откажуваме како општество од некои големи таленти, барем во бизнисот, со тоа што ги запишуваме пребрзо во училиште

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top