| четврток, 6 декември 2018 |

Агенцијата за млади и спорт обезбеди 6,6 милиони денари за ракометарите

agencija-za-mladi-i-sport

Ракометна Федерација на Македонија доби значителна финансиска помош од 100.000 евра од Агенцијата за Млади и Спорт, пари што ќе бидат наменети за уште поголем развој на ракометот како спорт број еден во нашата држава. Продлабочената соработка беше официјализирана на денешна прес-конференција на која присуствуваа првиот човек на АМС, Марјан Спасески и претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов. На неа беше обелоденето дека средствата се обезбедени од парите што се слеваат на сметката на АМС со новиот закон, според кој се оданочува секоја исплата од спортските обложувалници и игрите со автомати на среќа.

– Откако ќе го потпишеме овој договор за финансирање, ова ќе биде практично првата транша на средства определени од Агенцијата за млади и спорт на една од најдобрите македонски спортски федерации, која во изминатиов период покажа и докажа како треба да менаџира со одредени спортови пред се еден од најквалитетните спортови во Македонија. Сакам да информирам и дека од 1 јануари стапија на сила измените во законот за спорт и измените во законот за данокот на добивка, со кои што се овозможува во секоја компанија која ќе донира во спортски клуб, олимпискиот комитет или спортска федерација, да добијат даночни олеснувања – изјави Марјан Спасески.

Од оваа сума, шест милиони денари се обезбедени за да се овозможи беспрекорна организација на подготовките и настапот на сениорската репрезентација на СП во Франција, додека 600.000 денари се доделени за организацијата на квалификацискиот турнир за младинци што се одржува во Скопје, а на кој Македонија има историска шанса со победа над Португалија за првпат да учествува на еден ракометен младински мундијал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top