Корисниците на јавниот превоз од почетокот на годинава треба задолжително да поседуваат електронска картичка и за возење во возилата на приватните превозници.
– Електронската картичка може да се набави во сите продажни места на ЈСП Скопје, на дополнителните продажни места од мрежата за продажба на 50 различни локации и во сите автобуси на ЈСП Скопје и приватните превозници, информира Град Скопје.
Со влегувањето во сила на интегрираниот тарифен систем, Град Скопје донесе одлука за промотивен период од еден месец, при што со секоја купена неперсонализирана електронска картичка со цена од 150 денари, следуваат пет гратис возења.
– Доколку сакате да користите јавен градски превоз задолжително треба да имате електронска картичка со запишан билет или надополнет електронски паричник, соопшти Град Скопје.
ТВ Нова информираше дека во сите автобуси на ЈСП Скопје и кај приватните превозници со почеток на месец февруари ќе се воведе билет за едно возење наменет за туристи и граѓани кои многу ретко го користат јавниот превоз. Цената на овој билет ќе изнесува 60 денари, а ќе се издава со фискална сметка.
Граѓаните и сега имаат можност да платат само едно возење преку своите мобилни телефони (засега само од мрежата на Телеком, наскоро и од сите оператори) со повикување на бројот 185 и доближување на телефонот до апаратот за валидирање во автобусите. На овој начин од сметката се одземаат 40 денари.
Цената за месечен билет за градски линии изнесува 1400 денари, додека за сите линии 1600 денари. Граѓаните со овој билет можат да се возат и во ЈСП Скопје, но и во автобусите на приватните превозници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.