Вчера во 12.00 часот во ПС Куманово, З.С. (51) од Куманово пријавил дека во неговата викендица на местото викано Зубовска река во атар на с.Зубовце, кумановско, над него и неговиот сосед Л.Д. (64) од Куманово, двајца непознати сторители извршиле разбојништво.
Кога З.С. и Л.Д. дошле пред влезната врата на викендицата, излегло непознато машко лице кое им вперило пиштол и им рекло да влезат внатре, каде било уште едно непознато лице. Сторителите им пребарале по облеката и од З.С. одзеле околу 8.000 денари и мобилен телефон, а од Л.Д. одзеле околу 2.000 денари и мобилен телефон. После тоа, едното лице држело пиштол вперен кон нив, а другото со кабел им ги врзало рацете и нозете, по што излегле од викендицата и со возило „рено сеник“ со кумановски регистарски ознаки, сопственост на З.С., побегнале во непознат правец.
По неколку минути и двајцата успеле да се одзврзат, излегле надвор и од соседите побарале телефон и настанот го пријавиле во полициска станица.
Од извршениот увид во викендицата, и по кажување на оштетениот, од викендицата недостасуваат телевизор, сателитски ресивер, ДВД , појачувач, музички миксети и други предмети.
Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.