По објавувањето на фотографијата на терористот осомничен дека го извршил грозоморниот напад на новогодишната ноќ во ноќниот клуб „Reina“ во Истанбул во кој загинаа 39 луѓе, почнаа да се откриваат неверојатни детали околу настанот, пишува „Макфакс“.
За Макфакс од Истанбул, Асуде Абдул Кочан
Меѓу притворените 12 лица по нападот се наоѓа и неговата сопруга. Според нејзините изјави дадени на полицијата, кои ги пренесуваат медиумите, терористот заедно со сопругата и двете деца на 20-ти ноември допатувал со авион од Киргистан во Истанбул а потоа се префрлил во Анкара.
На 22-ри ноември преминал со семејството во градот Конја, каде изнајмил стан во висина од 1.100 турски лири (околу 300 евра) и однапред исплатил три кирии. Се известува дека дошол во Турција со намера да најде работа. На 29-ти декември се префрлил во Истанбул.
Притворената сопруга на терористот изјавила дека дознала за нападот од телевизија и дека не знаела дури ни дека сопругот ѝ бил симпатизер на Исламската држава.
Се шпекулира дека по објавувањето на фотографиите на терористот во турските медиуми и селфи-видеото на самиот терорист во кое јасно се гледа дека тој шета по централниот дел на Истанбул –Таксим, полицијата добила голем број повици од жителите кои живееле во околината на станот во Конја што го изнајмил терористот.
За видеото се шпекулира дека било објавено на веб страницата на Исламската држава и дека било снимено со одредена намера. Во понеделникот во населбата Зејтинбурну во Истанбул турската полиција спроведе широки операции за пронаоѓање на терористот чие име сѐ уште не се објавува.
Од друга страна, според изјавите на персоналот на клубот „Reina“, кои ги пренесуваат турските медиуми, неколку дена пред нападот се чувствувала извесна напнатост меѓу персоналот на клубот, бидејќи имало гласини дека во соседниот клуб дошле тројца непознати лица кои извршиле набљудување на објектот и дека затоа била известена и полицијата.
„Такви озборувања постоеја меѓу келнерите и јас трипати поминав низ полициска контрола доаѓајќи на работа. Имаше големо обезбедување и не можам да сфатам како успеа да влезе овде… Таа ноќ дури и такси возилата се контролираа, мислевме дека покрај такви големи мерки на безбедност не е можно да се случи ништо“, изјавил диск-џокејот на клубот Абдулах Џан Сарач за весникот Hurriyet.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.