| четврток, 6 декември 2018 |

Третина од Македонците веруваат дека 2017 ќе биде економски просперитетна

Над половина од македонските граѓани се среќни од својот живот, 39 проценти се оптимисти дека новата 2017 година ќе биде подобра од 2016, а 33 отсто од граѓаните веруваат дека следната година ќе биде година на економски просперитет, покажуваат резултатите од истражувањето на истражувачката агенција Брима, членка на Вин-Галуп Интернешнал.

На прашањето „Дали сметате дека 2017 година ќе биде подобра, полоша или иста од 2016 година?“ 39 проценти од македонските граѓани се оптимисти, наспроти 21 процент кои се песимисти.

Споредено со соседсвото со нето надеж од +18 отсто Македонија заедно со Косово + 33 процени и Албанија +35 отсто е пред Грција со нето надеж од -30 проценти, Бугарија -5 отсто и Србија -1 процент.

На прашањето „Споредено со годинава, дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економска потешкотија или следната година ќе биде иста како оваа?“ 33 проценти од македонските граѓани се оптимисти наспроти 27 отсто песимисти, додека 31 процент се неутрални.

Истражувањето покажува дека со нето економски оптимизам од +6 проценти Македонија во однос на соседите се наоѓа во средина. Најголеми песимисти се граѓаните на Грција со нето економски оптимизам од -53 проценти, по што следат Бугарија -21 отсто и Србија -16 проценти, додека најголеми оптимисти со нето економски оптимизам од +24 се Косово и Албанија со +10 проценти.

На прашањето „Дали вие лично се чувствувате многу среќно, среќно, ниту среќно ниту несреќно, несреќно или многу несреќно во животот?“ вкупно 52 проценти од македонските граѓани одговориле дека се среќни, 36 отсто се неутрални и 10 проценти се несреќни.

Според истражувањето во однос на среќата во сопствениот живот, граѓаните во Македонија со нето среќа од +42 проценти, се меѓу посреќните во регионот и пред нив се само Косово со нето среќа од +52 проценти. Најмалку задоволни од својот живот се граѓаните во Грција со нето резултат од +21 проценти, по што следат Бугарија со +33 проценти и Албанија со +35 отсто.

Истражувањето е спроведено во 64 држави и опфатени се вкупно 66.541 испитаник. Во Македонија истражувањето го спроведе Брима на национален примерок од 1.210 испитаници на над 15-годишна возраст во периодот од 26 ноември до 2 декември 2016 година.

Ова е 40. истражување на Вин-Галуп Интернешнал за крајот на годината околу очекувањата, изгледот, ставовите и уверувањата на жителите над 60 држави од целиот свет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top