За жал на Македонија, 2016 година почна исто како што заврши. Со криза и со лаги. Многу лаги. СДСМ ја почна годината лажејќи дека ќе оди на избори во април, а ја заврши со лаги дека победиле со 600.000 „граѓани“. Во меѓувреме , паднаа и многу други лаги, фантоми и иселени, а во средина на годината, по лоша навика, исто така, си лажеше за избори. И повторно дека ќе оди на нив, но ги одложи со закана за бојкот. Во меѓувреме, на ум му падна „одлична“ идеја, па така предводен од лидеровите искази, Албанците ги мамеше и лажеше со двојазичност и со редефинирање на државата, а Македонците, пак, ги лажеше дека тоа немало врска?! Сето тоа на почетокот изгледаше стихијно и како тешка глупост, но потпомогнато од „чадорот“ на терен и од Соросовите медиумски филијали во етерот, прикаската ја купија добар дел од гласачите. Иако, според информациите, повеќето или „решавачките“ гласачи, сепак, не ја купија туку ја наплатија. Солено…
Уште поголем проблем стана што недоветниот лидер речиси секој ден од 2016 лето Господово беше фаќан во нова лага, која побезобразна од побезобразна, но тоа како воопшто да не им пречеше на неговите верни обожаватели, слепи следбеници, кои замајани и опиени од желбата да бидат поинакви, да ги викаат „граѓани“ и да застанат контра „стоката“ што толку јасно ја определија и именуваа членовите на врхушката, како да уживаа во лагите на сопствениот водач. Очигледно, недостигот од внимание го компензираа со новоздобиеното од партијата. Иако од интерес. Уште поочигледно, недоветните чеда ја пресконале пубертетската фаза во која е легитимно да се сака да се биде поинаков, не сексуално, туку во однесувањето, облекувањето, имиџот, размислувањето. Така, нормалните луѓе беа панкери, металци, рокери, моторџии, алтернативци, даркери, па и кремчиња, скејтери и фолкери, а новопечените задоцнети „поинакви“ станаа шарени „револуционери“ и симпатизери на СДСМ.
Веројатно, останува и нашата прогноза од пред половина година за резултатите од годинашната ендемска „револуција“, која го срамеше значењето на зборот. Да, половина век од сега, некој дедо ќе им се фали на внуците: „И така мили мои, дедо ви пред 50 години тераше револуција! И бојадисуваше ли бојадисуваше, чуда од бојадисување правеше!“ А на нивното прашање: „И што направивте дедо, кои беа резултатите од револуцијата?“ Тој се закашлува, поцрвенува и гордо викнува: „Освен огромна материјална штета што ја плати народот, двајца најизвикани, најподатливи и најголеми никаквеци од нас станаа пратеници чеда мои, со убава плата, настрана апанажа! Ете тоа бидна од нашата револуција! Кх, кх, кх!“…
Веселата математика и виртуелното изборно конто на СДСМ
Целата стратегија на СДСМ овие години се базира на една единствена основа. Тоа е лагата, преувеличувањето и нејзиното повторување. Нивните неинвентивни и безидејни јуришници, фатени во тесно и со кусок од 100.000 гласови ја употребија старата и испробана стратегија. И така, основна премиса што ги водеше во животот беше и остана „стопати кажаната лага станува вистина“. Па без проблем си лажеа за сторениот криминал од власта, кој беше и остана само бедна индиција и пуста желба на Катица Јанева, си тераа кампања во која ги враќаа измислените 600.000 иселени млади лица од државата, па си измислија неверојатни 500.000 фантоми, кои исчезнаа со прочистувањето на списокот (еден од ретките остана фантомот Најчевска, човек, сигурно, не е) за да завршат со лагата дека СДСМ и, верувале или не, туку 600.000 граѓани решиле дека се за промени. За лагата да биде уште поголема, освен што ја „трубеа“ и пласираат во секоја изјава и соопштение од штабот, не ни се потрудија да објаснат на што се должи оваа безобразна бројка. Вака, едноставно и без проблем си ги присвоија сите гласови (освен тие на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ) и си ги прогласија за свои?! Не би нѐ зачудило доколку Заев по Нова година излезе и каже дека за промени, всушност, биле уште повеќе „граѓани“, па да си ги присвои гласачите од Грција на Ципрас, зошто да не и на Црвените Кмери од Камбоџа. Чуму да не биде така, па сите тие се или биле за некакви промени. Тоа што немаат врска со Заев и со неговата квазиидеологија и така не е битно. Кога можеше да ги земе кај себе и да ги присвои во „промените“ гласовите на ВМРО за Македонија, штетниците со, демек, десничарска ориентација, зошто, на пример, не би присвоил и гласовите на бугарскиот вечен губитник и нивни пријател Станишев. Ќе ги обедини ли Заев сите губитнички партии во Европа? Поверојатно, за очекување е Заев на виртуелното гласачко конто на СДСМ да ги додаде гласовите на српското движење Двери. Па и така целосно им ја украдоа и од збор до збор целосно ја копираа програмата. Дури и сценографијата за митинзи. Но не дека се безидејни и мрзливи, туку дека беа презафатени со редефинирањето на државата и со пакувањето на непристојните предлози за Албанците. Оправдано, нели…
Четири години игри за разнебитување на државата
СДСМ како партија постои цели 25 години, но во последните четири го достигнаа врвот. Зачетокот на прикаската беше анархијата што ја внесоа во Собранието и која поради нивните глупости кулминираше на 24 декември 2012 година, изнуден и посакуван резултат на неколкумесечните мешаници во кои активно учествува многу тогашни функционери, прекалени социјалдемократи, кои за само четири години ги „изеде“ Заевизацијата на партијата. Истите тие, сѐ уште предводени од Црвенковски, тераа „отпор“, правеа протести со автомобили и што ли уште не.
Тамам кога решија да ја зголемат масовноста и на помош за „оптичка мамка“ да ги вклучат камионите и возовите на протести, дојде Филе и падна Мартовскиот договор во 2013 година. Веднаш по него, следуваа локалните избори на 24 март и на 7 април, на кои по толку „отпор“ и протести, СДСМ загуби со огромна разлика од ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш следуваше конгрес, па губитникот, „напатениот“ БЦ, мудро се повлече и му го препушти социјалдемократскиот трон на Зоран Заев, дотогаш познат само како поранешен „чувар на тронот“ и градоначалник аболиран за криминал од осум милиони евра токму од експретседателот на државата и на партијата. Неговиот противкандидат Зоран Јовановски исчезна од сцената, исто како и Игор Ивановски – Шема, кој свесен за местењето се откажа на еден ден пред изборите. Единствен гаваз и верен следбеник му остана контракандидатот за претседател на СДСМ Кире Наумов, кој благодарение на тоа „дотурка“ до дополнителен министер во финансии.
Следната, 2014 година на политички план ќе остане позната по катастрофалниот пораз на СДСМ на предвремените парламентарни избори, кои се одржаа заедно со претседателските и кои придонесоа за проширување на дебаклот. ВМРО-ДПМНЕ победи со околу 200.000 гласови разлика, а Иванов го победи „независниот“ Пендаровски со само 136.000 гласа разлика. Шлаг на тортата беше изненадувањето што го приреди Заев, кој во 19.30 излезе и без ниту еден аргумент одби да ги признае изборите. За потсетување, партијата немаше поднесено ниту еден приговор до ДИК. Сите се чудеа, но од денешна перспектива знаеме дека Заев веќе знаел за незаконски прислушуваните разговори, снимани токму до тој период, но не и потоа. Тогаш сѐ изгледаше лудо, слично како и двојазичноста и редефинирањето годинава, но сценариото полека се склопува. Следуваше бојкот на парламентот, благи реакции на Брисел и на Вашингтон за глупирањето на СДСМ и почеток на дејствата во мегааферата „Пуч“, т.е. обидот на Заев да го уцени Груевски со „бомбите“.
2015 година, Груевски го „престигна“ Заев и објави дека Заев го уценувал со незаконски прислушувани разговори. Набргу потоа, лидерот на СДСМ веќе во дефанзива во февруари почна да ги објавува на патетични прес-конференции, излажа десетици пати за потеклото, бројот, прислушуваните и што ли уште не, и самиот без сите информации што „чадорот“ постепено му ги дозираше според заслугата и согласноста за антинационалните отстапки. Пародијата со петардите, за која многумина уште од самиот почеток требаше да завршат в затвор, заврши со договорот од Пржино, на кој партиите со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан се договорија да одат на предвремени избори во април 2015 година, за техничките министри, ад хок телата итн. Крајот на 2015 година беше засладен со доаѓањето на најлошиот посредник во историјата на посредништвото, Питер Ванхауте, европски бирократ и класичен недоделкан лик, кој си поигруваше со нацијата и со сите македонски вредности и кој покрај сите идиотски работи успеа да стане предмет на обожување од една идолопоклоничка постава на избрани македонски никаквеци.
2016 – година кога сценариото, конечно, се вообличи
Така, орни и договорени за избори влеговме во последната, веќе измината 2016 година. Арно ама, сите, освен СДСМ, влегоа во неа со убедување дека се оди на избори на кои сѐ ќе се доточни и ќе се стави крај на кризата, која ја глодаше економијата. Само врхушката од „Павел Шатев“ уште од тогаш знаеше дека нема да оди на предвидените избори на 24 април, ниту на втората опција 5 јуни. Тие си типуваа на 11 декември уште од тогаш, за да ѝ дадат време на шарената „револуција“ да ги привлече „инаквите“ и за да заврши со двојазичност и со федерализација. Сите чекори, како и самото непризнавање на изборите во 2014 година, на почетокот изгледаа стихијни, нелогични и непродуктивни, но не било така. Конечниот удар го нанесоа непристојните понуди на Заев до албанскиот електорат. Тој им понуди нешто што реално не им треба, играјќи ја својата предвидена ролја во сценариото на сонародникот на Квентин Тарантино. Сосема „случајно“ Заев успеа да допре до срцето на најрадикалните албански средини како Танушевци, Диво Насеље и Арачиново. Како и да е, изборните резултати ги изненадија сите, а најизненаден беше СДСМ, затоа што некој му вети дека, дефинитивно, ќе победел. Така, Заев си ја депонираше јавно својата оставка и као градоначалник и како лидер на партија за потоа да се свести и да се вади со индолентното „600.000 граѓани гласаа за промени“ т.е. демек тие победиле. Настрана што не залудно се нагласува граѓани, наспроти кои, барем во нивните очи, гласаа 600.000 селани…
За жал, очигледно, изборите не се толку посакуваниот крај на кризата, која со почетокот на 2017 година само ја зголеми возраста. За жал, требаше толку многу време и години за сите да сфатат што била целта на Заев и на неговите заштитници, благодарение на кои се случи сето ова во Македонија. Толеранцијата на „бомбите“, шарени „револуции“, амбасадорски интервенции и какви ли не глупости, беше очигледна грешка. Да, очигледно никој не играше на картата на продавањето на националните интереси, крајната бескрупулозност, макијавелизам и албанизација на СДСМ, која сега е во битка со БЕСА за приматот на најголемата антимакедонска партија.
Постизборното трезнење на дел од Македонците, кои утрото на 12 декември се разбудија до грдото лице на СДСМ и сфатија дека нема ништо од идеологија и револуција и дека сѐ било гола борба за власт преку идно загорчување на животот на поколенијата со безобразен флерт со Албанците, сепак, доаѓа задоцнето. Мамурлакот предизвикан од нивната опиеност со глупостите на Заев и врушката ќе го поминат со тешкотии. Време им е, останатиот дел од народот веќе одамна блуе од понуденото од Заев. Нивната евтина лага скапо ќе ја чини државата. „На човек можеш да му дадеш, не можеш да му земеш со сила“ изјави еднаш лидерот во Струмица. Епа, време е некој, макар со сила, да им даде и всади малку национално чувство. Крајно време…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 226. број на неделникот „Република“, 30.12.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.