Слики, накит, скулптури, ламби, облека, дизајнерски решенија….. може да се најдат во електронската продавница на платформата „Модулар“. На 27 декември почна нејзината промоција со отворањето на изложбата во „Јавна соба“. Настанот ќе трае до 3 јануари.
Од 27 декември до 3 јануари во „Јавна соба“ ќе може да се подигнат производите купени од електронската продавница на „Модулар“. Истовремено може и да ги нарачувате преку интернет, па да ви стигната на домашна адреса. Креатор на оваа идеја е уметничката Нина Нинеска. Таа сето ова го создаде за што побргу и полесно љубителите на уметноста да стигнат до саканиот автор и до негово дело. Во иднина целта е ширење на продажбата и во странство.
– Како уметник и дизајнер имав проблем да ги пласирам производите што ги создавав, како кај нас така и во странство. Во 2013 година учествував на Скопската недела на дизајнот. Тогаш се соочив со фактот дека немаме можност да ги пласираме производите надвор од земјава. Тргнувајќи од овој проблем и немајќи платформа за интернет продажба дојдов до решението за креативна платформа со заедница е пазар. Modular artdesign.com е интернет креативна платформа со заедница и маркет/ продавница за уметници и дизајнери – вели Нинеска.
Таа вели дека има голем број заинтересирани уметници, кои досега немале можност за ваков вид изложба и продажба кај нас па и надвор од границите.
На платформата освен дела изработени на традиционален начин на изработка имаат и дела во дигитална форма. Ги повикуваме сите дизајнери кои изработуваат вакви дела а немаат финално изработени производи од материјал да аплицираат на платформата со својот дигитален дизајн. Во иднина може да произлезе соработка со некои од производителите и дизајн компаниите и да се пласираат на пазарот. Сите овие новитети ќе бидат презентирани од 27 декември до 3 јануари во „Јавна соба“. Таму ќе може да се купат делата од продавниците на селектирани уметници и дизајнери на платформата Модулар.
Засега има 14 креативни продавници на: Нина Нинеска, Доне Милјановски, Мила Ивановска, Нела Тодоровска, Марта Мојсова, Ана Андроска, Меи Ро (Маја Стојковска и Сандра Јовановска), Тоциноски, Зоран Кардула, Соња Димовска, Цветанка Јованова, Александар Пешевски, Андреј Митевски и Eми Норис.
– Целта на оваа продавница е по електронски пат да си нарачате уметничко дело или креација, а ние да ви го дистрибуираме до дома. Може да си го нарачате производот преку интернет и да дојдете да си го подигне од „Јавна соба“ за време на изложбата – велат од „Модилар“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.