| четврток, 6 декември 2018 |

Објавен повик за купување дрва преку „Македонски шуми“ за 2017

drva-1

Објавен е повикот за купување огревно и техничко дрво за следната година преку Јавното претпријатие „Македонски шуми“. Цената на дрвата во складовите на претпријатието останува иста,  2.370 денари за метар кубен буково огревно дрво, а 2.450 денари за дабово.

Физичките лица кои сакаат самостојно да набават дрва треба да аплицираат електронски најдоцна до 31 март следната година. Обрасците со барања се достапни на страницата www.mkdsumi.com.mk.

– Имаат можност за склучување договор за купување во готово или на шест рати. Испораката на огревното дрво до домаќинствата ќе се врши исклучиво согласно датумот за целосната уплата на договoрената количина, информира денеска на прес-конференција Жарко Караџовски, директор на ЈП „Македонски шуми“.

Попуст од десет проценти доколку дрвата ги купат во готово и следната година ќе имаат ранливите категории (социјални случаи, лица со попреченост во развој, деца без родители, самохрани родители и стечајни работници), како и семејствата на бранителите и на работници кои останале инвалиди на труд или загинале на работа. Тие имаат опција и за купување на осум рати. За тие категории превозот на дрвата е бесплатен. Tреба да го докажат статусот со потврда од надлежна институција.

Рокот за аплицирање за купување дрва преку здруженија на пензионери, инвалиди на трудот и синдикати на правни лица е до 31 јануари следната година, а склучувањето на договорите почнува од 1 февруари.

ЈП Македонски шуми“ со повикот нуди можност и за продажба на техничко дрво по пат на рамковни договори до пет години, за што правните лица може да аплицираат до 15 јануари следниот месец, како и годишни договори, за што пријавувањето е до крај на јануари следната година. По пат на јавно наддавање ќе се продава и оштетената дрвна маса по разни основи.

Лани  „Македонски шуми“ продаделе и испорачале 485 илјади метри кубни дрва. На 10 до 15 од граѓаните кои годинава склучиле договори им се вратени парите затоа што испораката не била извршена навреме.

– Тоа е заради доцнење на некој рок, којшто најчесто се случува во Скопје, заради големата побарувачка, а малото произвдоство  во скопската подружница, сме принудени да носиме дрва од внатрешноста и некогаш се случува и да се доцни. Кај оние граѓани кои не може да чекаат од оправдани  или неоправдани причини стоиме на располагање и така  и го склучуваме договорот, да ги вратиме парите  и да исплатиме отштета, рече Караџовски, одговарајќи на новинарски прашања. ЈП „Македонски шуми“, како што информира, ги репрограмирало долговите кон Управата за јавни приходи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top