| четврток, 6 декември 2018 |

Пет автомобили и камион се излизгаа на патот Охрид – Кичево

koli-dozd-vremenska-prognoza

Пет патнички и едно товарно возило се излизгаа од коловозот на магистралниот пат Охрид-Кичево на потегот од Ново Село до планинскиот премин Пресека. Нема повредени лица, а е предизвикана материјална штета, информираше Секторот за внатрешни работи – Охрид.

Според полициското соопштение, причините за излизгувањето на возилата е голомразица на коловозот, замрзнат дожд, но и неприспособена брзина на движење кон условите на патот.

– СВР Охрид веќе го засилува полициското присуство на патниот потег Охрид – Кичево, направена е координација и со полициската станица од Кичево за интензивирање на полициски патроли на магистралниот пат на потегот од Извор до Пресека. За настанатата состојба, СВР Охрид ја извести „Македонија-пат“, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, Општинскиот кризен штаб, како и другите надлежни инстанции – појасни портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата Охрид препорачува внимателно возење, приспособена брзина на движење, почитување на препораките на полициските службеници и на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација.

Екипа на СВР – Охрид во која има претставник на Општинскиот совет за безбедност ќе направат увид на патниот потег каде што е случено излетувањето на автомобилите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top