Фудбалскиот волшебник, Бразилецот Роналдињо ги следи сите случувања во Барселона и покрај тоа што е далеку од градот и има други приоритети во овој момент, но во последно време кога се споменува неговото име со поранешниот клуб, сѐ почесто во иста релација доаѓа и името на неговиот сонародник, Филипе Кутињо.
Легендарниот бразилски виртуоз е голем вљубеник во играта на Кутињо и уште минатата година потенцираше дека тој би бил огромно засилување за Барселона, но популарниот „Гаучо“ сега отиде малку подалеку потенцирајќи дека сите кои имаат каква било врска со каталонскиот гигант, сериозно размислуваат за ангажманот на феноменалниот фудбалер на Ливерпул.
– Кутињо е еден од најдобрите играчи во Европа оваа сезона. Се надевам дека кога ќе се врати од повредата, ќе игра како што тоа го правеше претходно. Знам уште една важна работа поврзана за него, а тоа е дека сите во Барселона се восхитуваат на него и гледаат со внимание. Ливерпул ќе сака да го задржи, тимот се гради околу него, но кога играте фудбал на тоа ниво, секогаш доаѓаат најдобрите – посочува Роналдињо во ексклузивната изјава за англискиот таблоид „Сан“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.