| четврток, 6 декември 2018 |

МНТ подготвува нова претстава: Почнаа пробите за „Говорна мана“

Во МНТ почнаа пробите за новата претстава „Говорна мана“, работена според текстот на современиот автор Горан Марковиќ и во режија на Драгана Милошевска, чијашто премиера се очекува кон крајот на февруари. 

Текстот „Говорна мана“ е напишан во деведесеттите години, а Марковиќ е автор што со голема искреност влегува во натпревар со сите опасности што нè загрозуваат, укажува на состојбата и поставува дијагноза и на поединецот и на заедницата. Овој автор (доколку го следиме неговиот опус) нè поттикнува да се судриме и соочиме со реалноста.

Дејството на „Говорна маана“ се одвива во театар, во шминкерницата на еден актер, првенец, на крајот на неговата кариера. Тој се штити себеси така што ги затвора очите пред општествената реалност и бега во илузиите што му ги овозможува театарот, сè дури одбегнувањето на околностите не го направат невозможно. На спротивната страна е млад човек со кариера што ветува… Се разбира, и една актерка. Раскошно напишаните ликови преиспитувајќи ја сопствената морална одговорност нè соочуваат со нашите склоности кон прикривањето на одговорноста и соучеството.

Ова е една прекрасна приказна што се случува во театар, која е толку блиска, отвора многу прашања и иницира да се преиспитаме за тоа каков е светот во кој живееме и дали и самите учествуваме во неговото прифаќање, свет во кој владее теророт на успехот, совршенството и натпросечноста.

Публиката ќе ја има таа чест да ја проследи играта на Игор Џамбазов, Ивица Димитријевиќ и Сашка Димитровска, водени од режисерката Драгана Милошевска. Костимографијата и сценографијата се на Илина Ангеловска.

На режисерката Драгана Милошевска ова не ѝ е прва соработка со МНТ – во 2008 година на сцената на Македонскиот народен театар ја постави пиесата „Дундо Марое“ од авторот Марин Држиќ, несомнено една од најпознатите комедии на балканските простори.

Милошевска зад себе ги има веќе успешно поставено претставите: „Демонот од Дебар маало“, „Калеш Анѓа дефинитивно“, „Хасанагиница“, „Пипи долгиот чорап“, „Мизантроп“ и други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top