| четврток, 6 декември 2018 |

Утре ден на жалост во Русија за жртвите од авионската несреќа

Рускиот претседател Владимир Путин го прогласи утрешниот ден за ден на жалост во Русија за жртвите од воениот авион Ту-154, што денеска се урна во источниот дел на Црното Море во близината на Сочи.

– Утре ќе биде ден на национална жалост во Русија, изјави Путин.

Како што претходно соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, Путин веќе им изразил сочуство на роднините и блиските на загинатите и го именувал рускиот премиер Дмитриј Медведев за раководител на државната комисија која ќе треба да ги утврди причините за падот на авионот, при што загинаа 93 лица.

Медведев од своја страна изјави дека комисијата детално ќе ги испита сите околности во кои се случила несреќата.

– Оваа страшна трагедија ги однесе животите на луѓе кои беа енергични и имаат планови. Меѓу загинатите има новинари, војници и музичари од познатиот ансамбл „Александров“. Тие летаа во Сирија во мировна мисија на добра волја, рече Медведев.

Авионот Ту-154 на руското Министерство за одбрана се урна денеска на лет од Сочи кон сириската воена база „Хмејмим“ кај Латакија, каде се стационирани руските сили вклучени во операциите во Сирија. Авионот исчезнал од радарите во 5.40 минути по московско време (3.40 часот по средноевропско време).

Портпаролот на Министерството за одбрана на Русија, генерал-мајор Игор Конашенков преходно соопшти дека ниту еден од 93-та патници и членови на екипажот на авионот не го преживеал падот.

Тој прецизираше дека досега спасувачките екипи пронашле тела на четири лица. ТАСС, повикувајќи се на воени извори, претходно јави дека во едно од телата се пронајдени документи кои укажуваат дека загинатиот бил вработен како новинар во телевиизјата „Канал 1“.

Конашанеков соопшти дека во потрагата по телата на патниците од авионот се вклучени четири брода, пет хеликоптери и неколку беспилотни летала.

Според него, остатоците од леталото се лоцирани на 1,5 километри од Сочи, на длабочина од 50 до 70 метри под морската површина. 

Во авионот имало 85 патници и осум членови на екипажот. Меѓу патниците биле и 65 членови на воениот ансамбл за народни песни и игри „Александров“, девет новинари и воени лица.

Ансамблот „Александров“ требало да одржи новогодишен концерт за руските војници стационирани во базата „Хмејмим“.

Руската телевизија НТВ информира дека меѓу патниците во авионот се наоѓале и тројца нивни вработени. Во леталото биле и по тројца медиумски работници на воениот телевизиски канал „Ѕвезда“ и на телевизијата „Канал 1“.

Причините за уривањето на авионот засега не се познати. Според извори од аеродромот во Сочи, во време на исчезнувањето на авионот од радарите, во реонот преовладувале „добри метеоролошки услови“.

Неименуван извор од Министерството за одбрана за руските медиуми изјавил дека најверојатна причина за уривањето на авионот е технички проблем или пилотска грешка.

Осигурителната компанија „Согаз“ во меѓу време соопшти дека на семејствата на загинатите при авионската несреќа ќе им исплати отштета во износ од по 5,8 милиони рубљи (близу 92.000 евра).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top