Довербата на потрошувачите во САД скокна на највисокото ниво од 2004 година, откако започна да се шири бранот на оптимизам меѓу Американците во поглед на нивните финансии.
Исто така, постои и оптимизам во изгледите на американската економија по победата на Доналд Трамп на претседателските избори.
Универзитетот во Мичиген соопшти дека неговиот конечен индекс за расположението на потрошувачите пораснал на 98,2 поени од ноемвриските 93,8 поени, пренесува агенцијата Блумберг.
Инфлаторните очекувања за наредните пет до десет години паднаа на рекордно ниско ниво.
Во текот на следните 5 до 10 години, испитаниците проектираат стапка на раст на цените од 2,3 проценти, за разлика од 2,6 проценти минатиот месец, со што се неутрализирани „прилично оскудните“ очекувања во поглед на зголемување на платите, вели директорот на Универзитетот во Мичиген, Ричард Кертин.
Рекорден број на испитаници, односно повеќе од двојно поголем број од кога Роналд Реган ја презема должноста во 1981 година, „спонтано го спомнале“ во анкетата очекуваното влијание на мерките на Трамп во иднина, се наведува во извештајот на Универзитетот.
Иако ветувањата на Трамп за намалувањето на даноците и вработувањето го поттикнаа растот и довербата на потрошувачите, Блумберг вели дека овој „меден месец“ може да заврши наредните месеци, освен ако реалната економска состојба на покаже подобрувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.