Во момент кога се откажуваат централните новогодишни прослави во повеќе европски и балкански градови и средствата наменети за прослава се пренаменуваат за хуманитарни цели, градоначалникот на Центар Андреј Жерновски ја користи Нова година како одлична шанса за третман на сопствените фрустрации. Човекот кој речиси четири години вегетира во градоначалничкото столче на општина Центар, освен што организира една прескапо озвучена и пропадната журка на која не дојде диџејот Стив Аоки ги наполни ошштинските служби со партиски послушници и извршители. Но, овие активности не се во описот на неговата работа, па не можат да му се припишат за заслуги.
Она што може да му легне на контото е ситуацијата на терен. А таму – уште еден прескап минус – 270 метри сокак, популарно наречен Боемска улица 2, платен со неверојатни 710.000 евра. Овие скапоцени 270 метри вечерва ќе бидат и свечено отворени со богата програма, српски тамбураши доаѓаат од Нови Сад на чело со Звонко Богдан, а ќе имаат и локална поддршка.
Боемското расфрлање за Боемската улица ги налути опозициските медиуми кои досега безрезервно го поддржуваа градоначалникот на Центар излегоа со критики. Ова отвора многу сомнежи особено што омилениот градиначалник и опозициските гласници се скараа само неколку месеци пред локалните избори. Дали СДСМ преку своите медиуми му испраќа порака на Жерновски и дали Жерновски свесен за исходот во март го фаќа последниот воз со скапите сокаци?
„Втората боемска улица за 200.000 евра поскапа од првата, Жерновски не кажува колку ќе чинат српските тамбураши“. Текст со ваков наслов се појави на опозицискиот портал СДК, во кој стои дека вториот дел од Боемската улица во скопско Дебар Маало чини над 200.000 евра поскапо од првиот дел пуштен пред две години, односно скоро 710.000 евра.
“Општина Центар на чело со градоначалникот Андреј Жерновски не кажува колку пари ќе бидат платени тамбурашите за отворањето на улицата, оти ќе биле платени со спонзори. Боемска 2, според договор објавен на Биро за јавни набавки на 29 март годинава, чини 43.632.737,00 или 709.475 евра. Изградбата на првиот дел од Боемска улица Општина Центар ја чинеше 23.949.505 денари, за што градоначалникот Андреј Жерновски доби остри критики од жителите дека го направил најскапото поплочување во историјата на Скопје со близу половина милион евра за нови плочки“, пишува порталот.
„За нивниот ангажман, Општина Центар не ангажира дополнителни средства од сопствениот буџет. Кај повеќе фирми имаше голема заинтересираност да го поддржат овој спектакл поради самиот дух и амбиентот на настанот. Генерални поддржувачи се Пивара Скопје и ‘Тиквеш’“, стои во соопштението од Општината.
Српските тамбураши доаѓаат за да отворат улица долга 270 метри, односно делот од улицата „Орце Николов“ до дворот на Градежен факултет. На овој простор Општина Центар постави гранитни плочки, нова атмосферска канализација, ги стави под земја каблите кои висеа над улицата, и постави ново осветлување со украсни канделабри.
За 12.000 евра без ДДВ на улицата ќе биде засаден дрворед од 18 нови костени.
Пред две години кога беше пуштен во употреба првиот дел од Боемска улица, општината се правдаше дека за тие пари се уредени вкупно 2.700 квадратни метри како дел од уредувањето на Боемска улица, од кои 1.500 квадратни метри се на улицата „Ѓорги Пешков“, а останатиот дел од квадратурата отпаѓа на уредување пристапи и тротоари до новата улица.
За споредба, посочува опозицискиот портал, тогаш скопјани ја посочија улицата „Никола Вапцаров“, која води до Плоштад Македонија, за чие уредување беа потрошени 180.000 евра.
И Боемска 2, ќе биде забранета за паркирање и на неа ќе се воведе посебен сообраќаен режим. Нема да биде целосно пешачка зона поради потребата за дотур на стока во кафеаните и пристап за жителите.
Дури и порталот Нова ТВ на Борјан Јовановски излегува со критики кон Жерновски. Тие му замеруваат на Жерновски за “високата цена за малата улица“. Нова ТВ воедно го прашува Жерновски дали овие боемски улички се приоритет за граѓаните во Центар и дали тие за Општина Центар се она што за Град Скопје било „Панорамското тркало“.
„Дури 710.000 евра ќе ја чини општина Центар втората „Боемска улица“ која се наоѓа кај познатата кафеана „Идадија“ која е долга околу 270 метри. Високата цена за малата улица, градоначалникот Андреј Жерновски ја правда со квалитетот, кој според него е неспорен и видлив од првата „Боемска улица““, пишува НОВА ТВ.
Останува нејасно дали СДСМ повторно ќе застане зад Жерновски при негова евентуална нова кандидатура, или пак можеби партијата на Зоран Заев ќе предложи свој кандидат за градоначалник на Општина Центар?!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.