Македонските ракометни репрезентативци напорно тренираат во Маврово, а Филип Миркуловски со одлични настапи во Бундес-лигата само потврдува дека се наоѓа во извонредна форма на дваесетина дена пред почетокот на СП во Франција.
Искусниот бек, кој сигурно ќе биде големо засилување за тимот на Лино Червар, беше во главна улога при вечерашниот триумф на неговиот тим Вецлар на гостувањето против Минден од 25-27. Станува збор за дуел на два тима од средината на табелата, на кој Вецлар најмногу благодарение на одличниот настап на македонскиот бек стигна до цел плен. Миркуловски беше во елемент и постигна пет гола од исто толку обиди.
Бергишер, во чиишто редови настапува Ацо Јоноски, претрпе минимален пораз на домашен терен од Лемго (28-29).
Некар Левен и Дејан Манасков се наоѓаат на делба на првото место со Фленсбург, Вецлар моментно се наоѓа на осмата позиција, додека Бергишер е последен со само пет освоени бода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.