| четврток, 6 декември 2018 |

Ферари со ултиматум до Фетел: Или смири се или ќе добиеш отказ

sebastijan fetel

Претседателот на Ферари, Серџо Маркионе, порача дека нема ги толерираат повеќе испадите на Себастијан Фетел и дека Германецот ќе мора да се смири ако сака да остане во тимот.

Четирикратниот шампион во Формула 1, нема по добро да ја памети 2016 во која не само што не можеше да се носи со возачите на Мерцедес ниту пак да победи на трките , туку направи и серија грешки и влезе во многу судири со што стана еден од понеомилените ликови во Ф1.

Ќе останат запаметени неговите „блиски средби“ со Квајт на трките во Русија и во Кина, забивањето во Розберг во Малезија како и удирањето на клупскиот колега, Кими Раиконен, на трката за ГН на Белгија. Но, и увредите што ги упати Фетел преку радио врската нарекувајќи го Алонсо идиот како и постојаните навреди и поплаки за возачите кои ги престигнува за цел круг.

Во годинава што изминува Фетел имаше и неколку забележителни настапи, како оној на трката во Абу Даби кога до крај држеше чекор со Мерцедес. Но, во Ферари не се задоволни од резултатите, а уште повеќе од однесувањето на 29-годишниот Германец и се уште не се сигурни дали ќе му го продолжат договорот по наредната сезона.

– Во овој момент нема смисла со Фетел да почнуваме преговори за продолжување на договорот. Прво треба да видиме како ќе тече соработката во 2017. Мора да му дадеме победнички болид, инаку не можеме да разговараме за иднина. Знаеме дека Фетел сака да победи со Ферари, но можеме ли да му гарантираме победи? Од друга страна, тој мора да вози многу посмирено, да не биде толку лут и да го контролира своето однесување – изјави претеседателот на Ферари.

Доколку не дојде до продолжување на соработката со Ферари, како прва алтернатива за Фетел се споменува тимот на Мерцедес кој веќе е во потрага по германски возач кој долгорочно ќе ја преземе улогата што досега ја имаше актуелниот шампион Нико Розберг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top