37-годишниот Лукаш, кој возел за компанијата на неговиот роднина Ариел Зуравски, бил пронајден мртов, со прострелна рана од куршум во кабината на камионот. Германските власти се сомневаат дека го убил припадник на ИСИС, кој потоа со неговото возило извршил масакр на божиќниот саем.
-Едно лице не би можело да го совлада – рекол Зуравски, опишувајќи го Лукаш како крупен маж, висок 183 сантиметри и тежок 120 килограми.
-Ги видовме повредите со кои се здобил. Лицето му беше крваво и отечено – изјавил Зуравски за телевизија ТВН 24, зборувајќи за фотографијата која му ја покажала полската полиција.
-Видовме и убодна рана. А полицијата ни кажа дека постои и рана од куршум- додал Зуравски.
Според обдукцијата Лукаш бил жив до самиот терористички напад, кога најверојатно бил ликвидиран. Вдовицата на Лукаш и 17-годишниот син се во шок. Во нападот со камион на божиќниот саем во Берлин убиени биле 12, а повредени 54 луѓе. Пакистанецот кого полицијата го привела под сомнение дека го извршил нападот бил ослободен поради недостиг на докази.
Зуравски раскажал дека Лукас бил на пат повеќе од една недела, кога пристигнал во Берлин со камион натоварен со челични греди од Италија. Во нормални околности веднаш би го истоварил камионот во понеделник, но нарачателот го замолил тоа да го направат наутро.
Лукаш го паркирал камионот пред складиштето во населба со во главно муслиманско население, рекол Зуравски. Направил селфи во еден локален ресторан каде што јадел ќебап. Последен пат разговарал со сопругата во понеделник околу 15 часот. Се договориле дека ќе се слушнат подоцна, и ветил дека еднаш ќе ја донесе на божиќниот заем, но потоа не се јавил. Зуравски изјавил дека според податоците на GPS системот во камионот, видливо е дека возилото било запалено во околу 15:45 часот, и дека кратко се движело напред-назад, како некој да се учел да вози.
Зуравски вели дека веднаш знаел дека нешто тргнало на лошо, бидејќи Лукаш секогаш строго ги почитувал правилата и никогаш не би го запалил возилото за време на паузата. “На работа го нарекувавме инспектор, бидејќи беше многу строг. Беше добар човек”, вели Зуравски.
Камионот имал автоматски пренос на брзина, па бил лесен за возење. Паркингот го напуштил во околу 19:40 часот и се движел 10 километри до божиќниот саем. Полските власти исто така отвориле и истрага за убиството на Лукаш.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.