Стресот влијае на нашето тело преку различни механизми. Стресот, навистина, може да предизвика опаѓање на косата, но притоа мислиме на голем физиолошки стрес, а не на секојдневните мали стресни ситуации. Поради неколку стресни недели на работа, вашата коса нема да почне да опаѓа веднаш. Една од најчестите причини за телоген ефлувиум, всушност, е породувањето. Други причини се долга болест, општа анестезија, анемија, тироиден дисбаланс, фебрилни состојби, како и екстремни диети, вели д-р Елена Арсова, трихолог и медицински директор во „101 хер клиника“ во Скопје.
Зошто им опаѓа косата на жените? Која е најчестата форма на губење на косата кај жени?
АРСОВА: Андрогенетската алопеција и телогениот ефлувиум се најчестите форми на губење на косата. Андрогенетската алопеција, всушност, е наследен тип на губење на косата, при што пресудни фактори за негова појава се генетската предиспозиција и дисбалансот на половите хормони, а се манифестира со постепено истенчување на влакното. Телогениот ефлувиум, пак, е интензивно губење на косата со преку 100 влакна дневно како резултат на одредена здравствена состојба, како анемија, тироиден дисбаланс, рестриктивна диета, породување, потоа по тешки инфекции, оперативни зафати, одделни медикаменти итн. Опаѓањето на косата кај жените има многу покомплексна природа отколку кај мажите, не само поради тоа што некои аспекти во патофизиологијата не се доволно разјаснети, туку и поради тоа што многу често овие две форми се надоврзуваат една на друга и драматично ја влошуваат густината на косата. Телогениот ефлувиум може да биде иницијалната фаза на губење на косата, по која се манифестира наследното губење на косата. Или, пак, кај жени што веќе имаат андрогенетска алопеција, епизоди на телоген ефлувиум може да го влошат примарниот проблем. Освен тоа, во поново време сѐ повеќе имаме случаи на хроничен телоген ефлувиум при што не се појавуваат епизоди на опаѓање, туку опаѓањето трае со години.
Во кои периоди од животот жената треба да внимава за да има здрава и цврста коса?
АРСОВА: Има неколку критични животни периоди кога жената може да претрпи промени на косата. Младите девојки во првите години од менструалниот циклус често може да имаат хормонален дисбаланс кој води кон ослабнување на косата. Исто така, тинејџерките знаат да држат диети со неправилно водени режими на исхрана што значајно влијае на косата. Следниот ризичен период е постпородилниот кога многу жени доживуваат интензивно опаѓање на косата кое може, но не мора да остави последици по косата. По 40-тата година жените треба да ги следат тироидната жлезда и хормоните. А менопаузата е последниот период кога се менува хормоналниот статус на жената и новонастанатите промени даваат постепено ослабување на косата.
Дисбалансот на тироидните хормони го нарушува циклусот на раст на влакното? Дали косата продолжува да опаѓа и покрај терапијата?
АРСОВА: Опаѓањето и ослабнувањето на косата кај жените може да биде првиот симптом кој укажува на проблем со тироидната жлезда. Интензивно истенчување на влакното обично е поврзано со хипертироидизам (зголемена функција на тироидната жлезда), а алармантно опаѓање е присутно кај хипотироидизам (намалена функција). Исто така, промени во текстурата и квалитетот на косата со сувост, кршливост, заплеткување и сувост на кожата се типични промени на косата и на скалпот кај намалена функција на тироидната жлезда. Косата има циклус на раст кој се одвива во три фази, фаза на растење, фаза на мирување и фаза на опаѓање. Кај хипертироидизам или хипотироидизам механизмот на регулација на циклусот на раст се прекинува и губи баланс. Тироидните малфункции предизвикуваат фоликулите на влакното да останат подолго време во фаза на опаѓање, со што нормалниот циклус е нарушен и опаѓањето на косата е зголемено. Исто така, индиректно преку нарушување на менструалниот циклус, тироидниот дисбаланс предизвикува опаѓање на косата. Адекватна терапија препишана од ендокринолог е неопходна. Кај одреден процент од жените само со основната терапија за тироидната жлезда се стабилизира и опаѓањето на косата. Но, за жал, не е така кај сите жени, па тогаш е неопходна и локална терапија за да се поттикне функцијата на фоликулите и растот на косата.
Колку половите хормони се причина за опаѓањето на косата кај жената?
АРСОВА: Хормоните кај жените секогаш играат улога во развојот на губењето на косата затоа што и многу здравствени проблеми кај жените влијаат врз хормоналните флуктуации. Освен тоа, хормоните кај жените во текот на животот се менуваат. Но, сепак, опаѓањето на косата е мултифакторијално, што значи дека повеќе фактори се во игра. Кај класични случаи со полицистичен оваријален синдром и со докажано повисоки нивоа на андрогени хормони имаме и класична клиничка слика на андрогенетска алопеција. Но, голем дел од нашите пациенти имаат релативно нормално ниво хормони, но нивните фоликули, генерално, се поосетливи на дејството на тие хормони, особено на андрогените, машките хормони. Моето запазување е дека хормоналниот статус што не е идеален, иако е во некои граници на нормала, сепак влијае негативно врз функцијата на фоликулот и предизвикува проретчување на косата, особено ако имате т.н. суперсензитивни фоликули.
Дали косата опаѓа само поради гените на родителите, односно на мајката?
АРСОВА: И покрај континуираното префрлување на одговорноста на гените на мајката, сепак, науката покажува дека гените што предиспонираат губење на косата се пренесуваат и преку мајката и преку таткото, значи полигенетско наследување. Прегледување на фамилијарните фотографии може да ви помогне да видите дали вашите роднини имаат проблем со косата. Но, не можете да ја предвидите ќелавоста само преку анализа на семејното дрво. Како и многу здравствени проблеми, така и губењето на косата е полигенетско, што значи дека судбината на вашата коса е детерминирана од прилично случајна комбинација на гени од блиски, но и од далечни роднини. Тоа значи дека ако ќелавоста се појавува во вашата фамилија, независно дали по линија на мајка или татко, сепак има веројатност и кај вас да се јави губење на косата.
Како старее жената, така се јавува и истенчувањето на косата, на што треба да се внимава?
АРСОВА: Секако, и косата старее како што старее целото наше тело. Тој процес на стареење на косата се манифестира со истенчување на влакното и намален волумен на косата, и се смета за нормална појава. За жал, не сме никогаш премлади да почнеме да ја губиме косата. Ако имате генетска предиспозиција, опаѓањето на косата може да се јави уште во 20-тите години и да напредува агресивно. Кај мажите особено е често прераното губење на косата. Ослабување на косата кај жените може да се јави во 30-тите години како последица на анемија, проблеми со тироидната жлезда, хормонални флуктуации итн.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Александар Ивановски
(интервјуто е објавено во 224. број на неделникот Република кој излезе во печат на 16.12.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.