Од вкупно 14-те илјади фирми основани со грчки капитал во Бугарија, во пракса функционираат само околу 3.000, додека сите останати се фантомски, објави атинскиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на едно истражување спроведено од Универзитетот во Бристол.
Весникот наведува дека бројот на новоформирани грчки фирми во Грција почнал да расте уште пред финансиската криза во Грција во 2008 година, но дека се бележи нивно драстични зголемување по воведувањето на мерките на штедење во земјата и засилувањето на финансиските контроли.
Во 90-те години на минатиот век во Бугарија главно беа присутни грчки банки и градежни компании, но во последните години бројот на новофомирани фирми во земјата чии сопственици се Грци, поприма карактер на „одлив на капитал“, оценува „Катимерини“.
Весникот наведува дека најголемиот дел од овие компании се отворени во Бугарија со цел нивните сопственици Грци да го избегнат плаќањето на зголемените даноци во Грција.
Според истражувањето на Универзитетот во Бристол, бројот на грчки фирми во Бугарија од околу илјада во 2006 година, годинава се зголемил на над 14.000.
Од нив, само една четвртина реално работат во Бугарија, додека останатите се само фантомски фирми. Дури 67 проценти од грчките бизнисмени кои имаат фирми во Бугарија, признаваат дека главна причнина што го преселиле својот капитал е да можат да го спасат својот бизнис,
– Јас го затворив својот семеен бизнис за продажба на гуми во Солун и од 2012 година почнав да се занимавам со трговија во Петрич, изјавил анонимен грчки бизнисмен.
Друг пак признава дека го префрлил својот капитал во Бугарија поради несигурноста во Грција. – Во последните четири години се донесени над 800 закони поврзани со даночните оптоварување. Државата ниту не поддржува, ниту го штити бизнисот, вели тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.