| четврток, 6 декември 2018 |

Милан се протна во Лигата на шампионите, Фиорентина извиси (видео)

Милан ќе игра во Лигата на шампионите следната сезона, по пресвртот во самиот финиш против Сиена, за победа од 2-1 на простувањето од сезоната во Серија А.

Милан играше катастрофално лошо цели 80 минути, имаше негатива од 0-1 против испаднатата Сиена, но потоа направи чудесен пресврт, типичен за италијанскиот фудбал. До 84. минута Фиорентина беше сигурен патник в о ЛШ, бидејќи победи против Пескара со 5-1, но Милан не дозволи „виолетовите“ да играат со кремот на европскиот фудбал. Марио Балотели од пенал израмни во Сиена на 1-1, а само 180 секунди подоцна Мексес постигна гол, вреден настап во ЛШ. На Милан му конвенираше само победа и очекувано и покрај лошиот настап, ја оствари.


Фиорентина ќе игра во Европа Лигата, заедно со Удинезе. Тимот од Удине го посрамоти Интер и го декласира со 5-2 во Милано. Тоа веројатно беше последен меч за младиот тренер на Интер, Андреа Страмачони на клупата на „нероаѕурите“, а се најавува дека Валтер Мацари од Наполи ќе биде нов тренер на тимот од Милано.

Рома го победи Наполи со 2-1, но поразот нема резултатско значење, бидејќи Пандев и соиграчите од претходно ја осигураа вицешампионската титула зад првакот Јувентус и ќе играат во ЛШ. Од лигата испаднаа Пескара, Сиена и Палермо. Нови прволигаши се Сасуоло и Верона, а Ливорно, Емполи, Новара и Бреша ќе играат бараж натпревари за уште едно место во Серија А.

Резултати: Сиена – Милан 1-2, Рома – Наполи 2-1, Интер – Удинезе 2-5, Пескара – Фиорентина 1-5, Калјари – Лацио 1-0, Палермо – Парма 1-3, Торино – Катанија 2-2, Аталанта – Киево 2-2, Болоња – Џенова 0-0, Сампдорија – Јувентус 3-2.

Конечна табела: Јувентус 87, Наполи 78, Милан 72, Фиорентина 70, Удинезе 66, Рома 62, Лацио 61, Катанија 56, Интер 54, Парма 49, Калјари 47, Киево 45, Болоња 44, Сампдорија 42, Аталанта 40, Торино 39, Џенова 38, Палермо 32, Сиена 30, Пескара 22.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top