| четврток, 6 декември 2018 |

ДИК повторно ќе ги сослуша ИО од избирачкото место 2011 и ОИК

Државната изборна комисија (ДИК) на денешното продолжение на седницата на која расправа за последниот приговор за изборите на 11 декември, одлучи на дополнително сослушување да бидат повикани Избирачкиот одбор од избирачкото место 2011 во Теарце, членовите на Општинската изборна комисија и набљудувачот од СДСМ, кој ставил забелешка во записникот по гласањето на што е заснован приговорот.

Исто така треба да бидат донесени и целокупниот доверлив и недоверлив материјал, како и дневникот за работа на ова избирачко место во Шестата изборна единица. Меѓудругото треба да биде пронајден и записникот број 15 од избирачкото место 2011 во Теарце, што го нема, а членовите на ИО тврдат дека го предале во ОИК. Членовите на ДИК побараа и записник од претходното сведочење на Избирачкиот одбор.

Седницата ќе продолжи по пристигнувањето на членовите на ИО и ОИК.

СДСМ бара да биде поништено гласањето на ова избирачко место бидејќи на почетокот на гласањето недостасувало едно гласачко ливче со кочанот на кој е впишан серискиот број. При броењето на гласовите ливчето е најдено во гласачката кутија. Според членовите на СДСМ, нарушена е исто така и тајноста на гласањето, а го нема и записникот број 15 од ова избирачко место.

Членовите на ИО и претседателот на ОИК веќе беа сослушани од страна на ДИК и беше направен увид во избирачкиот материјал.

Досега, ДИК прифати само еден приговор од движењето Беса и поништи гласање на едно избирачко место во Гостивар. Отфрлени се пет приговори поднесени од Коалицијата предводена од СДСМ и седум од Движењето Беса. СДСМ, пак, вчера повлече два поднесени приговори.

По доставувањето на решенијата до партиите учесници на предвремените парламентарни избори на 11 декември ќе почне да тече 24-часовниот рок за поднесување на тужби до Управниот суд. Судот, пак, треба да одлучи по тужбите во рок од 48 часа.

Пред зградата каде што се наоѓа седиштето на Комисијата, и денеска се собрани граѓани кои протестираат за, како што посочуваат, да спречат да биде одземена волјата на мнозинството гласачи. Има обраќања, а граѓаните пуштаат и музика и се слушаат тапани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top