| четврток, 6 декември 2018 |

ДИК денес ќе го разгледува последниот приговор на СДСМ

Државната изборна комисија (ДИК), денеска во 11 часот ќе ја продолжи седницата на која треба да биде разгледан и да се одлучува за последниот приговор на Коалицијата предводена од СДСМ.

Kако што најави претседателот Александар Чичаковски, се очекува правната служба да ги изготви решенијата за досега донесените одлуки за 13-те приговори за кои одлучуваше Комисијата, и тоа осум од движењето БЕСА и пет на Коалицијата предводена од СДСМ. Исто така се очекува овие решенија по изготвувањата да им бидат доставени на БЕСА и на СДСМ, но и на сите учесници на изборите во ИЕ 6, каде е поништено гласањето на едно избирачко место. Откако ќе им бидат доставени решенијата на партиите започнува да тече 24-часовниот рок за тужби до Управниот суд, кој пак има рок од 48 часа за одлучување по тужбите.

Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) претходно вчеравечер едногласно отфрлија уште еден приговор за сумирање на резултатите од гласањето на 11 декември за предвремените парламентарни избори на Коалицијата предводена од СДСМ.

Отфрлен е приговорот за избирачкото место 2016 во Теарце, откако по увидот во целокупниот избирачки материјал во ова избирачко место беше констатирано дека тој во целост се совпаѓа со она што е утврдено од избирачкиот одбор. При разгледувањето на овој приговор, по барање на ДИК денеска на седницата присуствуваа сите членови на Избирачкиот одбор од ова избирачко место со цел да го потврдат избирачкиот записник.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top