| четврток, 6 декември 2018 |

„Леб и сол“ заедно со хорот и со оркестарот на МОБ на последниот концерт

Гитаристот Бодан Арсовски истакна дека во нивната кариера изградиле препознатлив звук, пред сè рок, како и музика од други влијанија - џез и техно. Со овој концерт, рече тој, го достигнуваат врвот. Концертот воедно ќе биде и нивно разделување со сцената

Рок-групата „Леб и сол“ со последен настап ќе заокружи 40 години од формирањето. На Концертот „Леб и сол Simphony“ на 20, 21 и на 22 декември групата (Кокан Димушевски, Бодан Арсовски, Димитар Божиков и Михаил Парушев) ќе го придружува Оркестарот и Хорот на Македонската опера и балет. Концертот има специјална програма во која нивните песни ќе прозвучат во оркестарски аранжман.

Ќе бидат изведени 15 од целиот период на постоењето на групата – од почетокот на кариерата во доцните 70-ти сè до последниот албум. Биле избрани тие што се податливи за симфониски израз. Ќе бидат подолги од оригиналните, со нови делови што ја прошируваат композицијата.

– Избравме од тие што се малку поинтелектуални. За голем оркестар и хор треба да се избере точно тоа што може да добие заеднички елемент и добивме нова, уникатна форма – рече клавијатуристот Димушевски.

Гитаристот Бодан Арсовски истакна дека во нивната кариера изградиле препознатлив звук, пред сè рок, како и музика од други влијанија – џез и техно. Со овој концерт, рече тој, го достигнуваат врвот. Концертот воедно ќе биде и нивно разделување со сцената.

– Музиката се уште постои во нас, меѓутоа скалилата по кои се качувавме цел живот просторно и временски се потрошија, единствено останаа духовните скалила. Ова ќе биде еден убав чин во предновогодишните празници да ви понудиме нешто што ќе ја исполни вашата душа – рече Арсовски.

На прашањето кој период го смета за најдобар во нивната кариера, одговори дека бил почетокот, нарекувајќи го чиста светлина. – Еуфорија, брзи случувања, интервјуа, турнеи. Траеше три-четири години кои ми пролетаа како еден ден, рече Арсовски, додавајќи дека верува во циклични појави зашто следувале успешните 1986/1987, па 1996 година, која била година на официјалното растурање на групата, десетгодишна пауза и реоформувањето во 2006 година.

Димушевски додаде дека завршуваат нивните концертни настапи затоа што, рече, сè има почеток и крај. – Сè што е зад нас и останува е музиката. Таа ќе трае барем уште 40 години. Ќе ги нема само концертите под името „Леб и сол“, но од музика не се откажувам, можеби кога ќе наолнам 110 години – рече Димушевски.

Поради распродадените концерти на 20 и за 21 декември, МОБ најави и трет концерт „Леб и сол Simphony“ на 22 декември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top