По пауза од 23 години, белградската група „Електрични оргазам“ повторно настапува во Денсинг салата во Младонскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Концертот е на 17 декември во 21 часот.
Оваа година навршуваат 30 години од култниот албум „Дисторзија“, а групата прославува и 35 години од основањето. Групата го прославува овој јубилеј со турнеја по големите градови во поранешна Југославија, со свирење на целиот албум од прва до последна песна.
Билети по цена од 200 денари во продажба на билетарница МКЦ и преку продажната мрежа на „МК Тикетс“. На денот на концерт цената на билетите ќе биде 300 денари.
Рамноправно делејќи го култниот албум „Пакет аранжман“ (1981) заедно со Идоли и Шарло акробата, Електрични оргазам веднаш потоа го издава својот панк/новбран првенец наречен „Електрични оргазам“ (1981), психоделичниот „Лишче прекрива Лисабон“ (1982) и албумот со обработки “Les Chansones Populaires” (1983), пред да го означи крајот на првата фаза на бендот со „Како бубањ каже“ (1984).
По заминувањето на клавијатуристот Љуба Ѓукиќ во Америка, гитаристот, пејач и главен автор Срџан Гојковиќ – Гиле, во новата инкарнација на бендот се решава на базичен рок звук со две гитари, бас и тапани. Покрај стариот тапанар Горан Чавдаја – Чавке, на Гиле му се приклучуваат и гитаристот Бранислав Петровиќ – Банана, како и басистот Зоран Радомировиќ – Шваба.
Гиле уште есента 1985 за магазинот „Џубокс“ го најавува новиот албум, кој ќе се вика „Дисторзија“ и ќе биде издаден за „Југотон“.
„Ќе има 11 песни, звукот ќе биде многу добар и поинаков од претходните плочи, кои досега ги имаме издадено…сега сѐ е некако поцврсто… Сакаме да звучиме разбивачки. Од 11 песни, десет се брзи и кратки. Едноставно, баш се ПЕСНИ“.
Во својот текст за Електрични оргазам во „EX YU Rock“ Енциклопедијата, Петар Јањатовиќ го објаснува значењето на албумот „Дисторзија“ за иднината на бендот: „Со албумот „Дисторзија“ го реализираа вистинското враќање на сцената. Со едноставен и содржаен rock’n’roll нанижаа серија хитови“.
„Дисторзија“ е снимана во рана пролет во 1986 година во Загреб, во продукција на Гиле и Иван Пике Станич. Впечатливиот и оригинален омот на албумот го изработи сликарот Радован Хиршл (1946-2015).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.