| четврток, 6 декември 2018 |

Работодавците очекуваат што поскоро формирање влада

­

angel

Работодавците очекуваат што поскоро да се формира нова влада и институциите да профункционираат. Како што оценија денеска, ако политичката криза продолжи, ќе бидат доведени во прашање и домашните и странските инвестиции.

-Ниту еден бизнисмен нема да вложи во нови проекти, а тоа, секако, ќе се одрази врз порастот на стопанството. ­ Свесни сме дека засега се многу мали шансите да добиеме стабилна влада. Тоа би било возможно само ако имаме широка коалиција. Не знам дали нашите политичари можат да дојдат до такво решение, не можам да прејудицирам, но можам да потврдам дека најпрво ќе страдаат новите инвестиции. Одлуките и за странските и за домашните инвеститори во услови на ваква политичка нестабилност се многу тешки. Ниту еден бизснимен нема да вложува големи средства во нов проект во ваква политичка ситуација- изјави претседателот на Организацијата на работодавачи (ОРМ) Ангел Димитров по седницата на Управниот одбор

Одговорајќи на новинарски прашања, Димитров рече дека и без промена на минималната плата, платите ќе растат. Тоа е факт, нагласи, зашто имаме многу ниска основица и многу ниски плати во јавниот сектор.

-Во однос на лицитирањето на партиите со износите за минимална плата, Меѓународната конвенција на трудот е многу јасна: Не може ниту една држава­потписничка да донесува такви одлуки без консултација со бизнисот и синдикатите. Ако имаме сеопфатна консултација, верувам дека ќе најдеме и оптимално решение- подвлече претседателот на ОРМ.

Според него, судбината на К­15 е еднаква како лани.

-Останува истиот износ, 40 отсто од просечната плата во последните три месеци. ­ Но, останува и можноста на работодавачите кои имаат тешкотии во работењето и потешка финансиска ситуација, во соработка со синдикалната организација или претставник на вработените, да потпишат спогодба за исплата на помал износ- нагласи Димитров.

Подобрите компании, информира, тоа го направиле уште за време на годишниот одмор, а дел го прават сега. ­ Не може компаниите кои имаат загуба по завршна сметка сами да одлучат дали ќе исплатат К­15 или не.

-Тоа мора да го направат со спогодба меѓу синдикатот или со претставник на вработените, за да биде согласно одредбите на Општиот колективен договор- рече Димитров.

На денешната седница имало предлози за прецизирање на одредбите за К­15. ­

-Имаме компании во кои работник работел од јануари до јули, отишол во друга фирма каде работел од јули до декември, па се поставува прашањето дали на двете места ќе земе К­15. Имам и компании кои сакаат К­15 да биде врзано со редовноста на работниците или за сите работници износот да не биде ист, некои, зависно од остварените резултати, да добијат повеќе. Се ова може да се смени само со заедничка расправа и консензус меѓу нас и синдикатите- посочи претседателот на ОРМ.

Управниот одбор ги утврдил предлозите и барањата кои ќе бидат доставени до новата влада. Државата да им ги врати на младите работници до 25 години уплатените придонеси и персоналниот данок, создавање можности за сезонско работење на студентите, итни реформи во образовниот систем за креирање квалификуван стручен кадар согласно потребите на стопанството, измени на законодавството за безбедност и здравеј при работа и за трговски друштва, се дел од предлозите на Организацијата на работодавачи. Приоритет останува, како што рече Димитров, воведувањето нов модел за плаќање на придонесите за сезонските работници, т.н. модел на дневни ваучери, по примерот на Хрватска, Франција, Шпанија, Италија,… со кој ќе се зголеми социјалната сигурност на работниците во туризмот, угостителството, земјоделството, градежништвото, текстилната и дурги индустрии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top