| четврток, 6 декември 2018 |

Работодавците бараат итни реформи за подинамичен раст на бизнисот, нови работни места и социјален развој

pretsedatel-na-orm

Домашниот бизнис во текот на 2016 година, поради политичката криза и нефункционирањето на институциите, изгуби драгоцено време и можност да оствари позначителен раст.

Ова е дел од дискусијата на седницата на управниот одбор на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) на која се оценуваше годината што изминува и воедно се формулираа предлози кои ќе бидат доставени до Владата и синдикатите, на разгледување и усвојување во текот на 2017 година.

– По изборите, сите ние посакуваме и очекуваме многу брзо институциите да почнат да функционираат со полн капацитет за да можат да се стават на дневен ред и да се усвојат нашите предлози кои произлегуваат од прироритетите и потребите на бизнисот. Дококу се случи тоа, убедени сме дека ќе дојдеме до решенија со кои ќе се зголеми конкурентноста, ќе се отворат нови работни места и нови перспективи за развој на компаниите во значајни сектори како што се туризмот, земјоделството, преработувачката индустрија и други гранки. Во спротивно, следниот декември ќе зборуваме за уште една загубена година, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

На агендата на работодавците се наоѓаат неколку конкретни предлози, како што е оној за воведување нов модел за плаќање на придонесите за сезонските работници – т.н. модел на дневни ваучери – по примерот на Хрватска, Франција, Шпанија, Италија и други земји од ЕУ, со кој ќе се зголеми социјалната сигурност на илјадници работници во туризмот, угостителството, земјоделството, градежништвото, текстилната и други индустриски гранки, а истовремено ќе се влијае на намалување на даночната евазија и „сивата“ економија.

Работодавците предлагаат и мерки со кои ќе се стимулираат младите работоспособни луѓе да не заминуваат од земјата. Меѓу тие мерки е и предлогот државата да им ги врати на младите работници до 25 години уплатените придонеси и персоналниот данок, како и создавање можности за сезонско работење на студентите.

Во оваа насока, членовите на управниот одбор на ОРМ апелираа и за итни реформи во образовниот систем кои треба да го стимулираат создавањето квалификуван кадар за потребите на стопанството. Една од предлог мерките е државата да ги стипендира сите оние што ќе се запишат на техничките факултети во земјава, а паралелно да се воведат и специјални наставни програми во средните стручни училишта со кои ќе се воведе задолжителна практична работа по примерот на моделот кој со децении се применува во Германија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top