| четврток, 6 декември 2018 |

За една седмица 816 интервенции на скопската брза помош

Од студеното време и температурните разлики најпогодени се хронично болните и лицата со кардиоваскуларни заболувања. Лекарите апелираат оваа категорија на пациенти овој период да бидат внимателни и редовно да ја пијат пропишаната терапија

Екипите на брза помош во Скопје за една недела имале 816 интервенции, или околу 116 дневно. Наглата температурна разлика ги наполнија и чекалниците во дежурните ноќни служби. Варирање на крвниот притисок, респираторни инфекции и зголемена телесна температура е само дел од патологијата на болните.

– Оваа недела, кога и имаме многу ниска утринска температура, јавувањата во брза помош се на горниот праг…Многу работа имаат дежурните пунктови каде што за една недела има повеќе од 3.000 прегледи. Околу 1.200 јавувања за една недела има и на „Ало докторе“, граѓаните бараат совети за зголемена температура, главоболки, респираторни тегоби – вели Татјана Баевска – Вучковиќ, директор на Здравствен дом Скопје.

Од студеното време и температурните разлики најпогодени се хронично болните и лицата со кардиоваскуларни заболувања. Лекарите апелираат оваа категорија на пациенти овој период да бидат внимателни и редовно да ја пијат пропишаната терапија.

-Мора да ги почитуваат советите на лекарите. Најдобра заштита е превентивата. Навреме да бараат лекарска помош и да не излегуваат кога температурите се ниски. Секако…многу течности и топли напитоци – вели Баевска.

Баевска апелира и до спортистите, како и до тие граѓани што практикуваат физички активности, да не трчаат и вежбаат наутро кога температурата е под нулата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top