| четврток, 6 декември 2018 |

Туристите ги наполнија хотелите во Охрид и Струга за Нова година

Традиционално најчести гости за Нова година се од соседството, но има и од Турција. Гостите од Грција најмногу ги има за католичкиот Божик

Хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера за новогодишните и божикните празници се исполнети скоро 90 отсто, информира претседателот на здружението на хотелиери на Македонија – ХОТАМ Крсте Блажески.

Традиционално најчести гости за Нова година се од соседството, но има и од Турција. Гостите од Грција најмногу ги има за католичкиот Божик.

– Предновогодишното расположение почнува од 23-24 декември и трае до нашиот Божик на 7 јануари. Се подготвуваме за една убава предновогодшна атмосфера, со оглед на тоа дека резервациите за новогодишните празници се доста добри, исполнети сме скоро 90 отсто досега. Традицијата ја следиме и годиниве наназад вадиме многу добра исполнетост, што покажува дека како дестинација стануваме се подобри, истакна Блажески.

Правејќи споредба за присуството на домашните и странските гости во хотелските капацитети, тој заклчучи дека над 70 отсто се странски, додека домашните туристи најчесто се сместуваат приватно.

– Ако споредуваме домашни и странски гости во хотелските капацитети секогаш имаме над 70 проценти гости од странство. Не значи дека не сме пристапни за домашните гости, но со оглед на тоа дека има огромни понуди за низ сите европски градови, тие излегуваат надвор од државата, рече Блажески.

Прославите на градските плоштади и добро украсените градови, смета дека ќе донесат поголем број туристи.

– Струга многу доцна реагира на украсувањето на градот. Струга има прекрасна локација и може да биде украсена многу убаво, не само за Нова година туку и во текот на целата година. Охрид ги има тие прослави и со нив секако придонесува за зголемување на бројот на гости. Тоа е добра традиција што треба да ја применува секој град. Треба да се работи за подобрување на тие понуди, а во Струга локално треба да се работи што треба да се направи во градот за развој на туризмот, изјави претседателот на ХОТАМ.

На охридското крајбрежје, според него, има околу 7,5 илјади кревети што не е некоја огромна бројка за да се исполни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top