Претседателот на Филипините, Родриго Дутерте, изјавил дека “лично убивал криминалци” во времето кога бил градоначалник на Давао, за да им даде добар пример на полицајците.
-Во Давао тоа го правев лично за да им покажам на полицајците дека ако можам јас да го направам тоа, тогаш можат и тие. Патролирав на улиците на мотор и барав проблем. Влегував во судири само за да можам да убивам”, рекол вчера Дутерте.
Активистите за човекови права го обвиниле Дутерте дека во Давао, чиј градоначалник бил 20 години, убил повеќе од 1.000 луѓе.
Реагирајќи на критиките на меѓународната заедница, Дутерте рекол дека нема намера да престане со водење на таквата политика и додал дека со тоа не прекршил ниеден закон, бидејќи полицијата легитимно ја брани земјата, а убиствата се, како што навел, резултат на пресметките со криминалните банди.
САД, УН и ЕУ неколку пати ја осудиле кампањата на Дутерте и оцениле дека на тој начин обичните граѓани се поттикнуваат на убивање и апсење на осомничени за организиран криминал.
Дутерте, 71-годишен адвокат, дошол на власт на 30. јуни, а во изборната кампања ветил дека за неколку месеци ќе го искорени криминалот во земјата.
Тој во октомври предизвикал бурни реакции споредувајќи ја својата кампања против криминалот со истребувањето на шест милиони Евреи за време на Втората светска војна. Потоа им се извинил на Евреите, тврдејќи дека само сака да ги „уништи наркоманите“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.