Зголемен е бројот на дијагностицирани инфаркти во делчевската Итна медицинска служба. Во период од две недели овде се дијагностоцирани седум инфаркти кај лица кои се на возраст од 50 до 70 години, информира раководителот на делчевската Итна медицинска служба, д-р Гоце Стојменовски.
– Мора да потенцирам дека претходниот месец немавме ниту еден случај со миокарден инфаркт, а овие две недели имаме седум случаи на миокарден инфаркт и на субакутен, бидејќи пациентот се јавил подоцна на лекарски преглед. Станува збор за популација од 50 до 70 години, апсолутно сите се хронични болни. Кај сите пациенти е реагирано на време со соодветна терапија и сите пациенти се навреме транспортирани до Скопскиот клинички центар и животот им е спасен, рече д-р Стојменовски.
Тој додаде дека оваа здравствена патологија оди рака под рака со дисциплираниот живот на кардиоваскуларните болни, односно како причина за овие инфаркти е прескокнување на редовната терапија, но и внесување мрсна и солена исхрана.
Д-р Тонкица Петровска, специјалист интернист истакна дека стресот има големо влијание и овој период, како што рече, со променливи и ниски температури негативно влијае кај пациентите со срцеви проблеми.
– Ние препорачуваме редовните прошетки да не ги прават рано наутро кога се ниски температурите, туку подоцна во текот на денот. Исто така да немаат физичка работа, да не цепат дрва што е карактерстично за овој регион, рече д-р Петровска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.