Русија дефинитивно ги загуби сите шанси за пласман во полуфиналето од ЕП 2016 во Шведска откако актуелните олимписки шампионки вечерва ремизираа 26-26 против Данска. Во меч во кој мораа да победат избраничките на Трефилов повторно имаа премногу осцилации во играта, па едвај стигнаа до реми со голот на Судакова на 25 секунди до крајот. Овој загубен бод би можел скапи да ги чини Данките, на кои сега им е неопходно во последното коло да ја совладаат Романија ако сакаат да се пласираат на второто место во групата, кое води во полуфиналето. Сандра Тофт имаше своја вечер на голот на Данска со 14 интервенции, а најефикасна повторно беше Стине Јоргенсен со седум погодоци.
Норвешка обезбеди пласман во полуфиналето откако многу потешко од очекувањата триумфираше над Унгарија со 24-23. Отпорот на Унгарките беше скршен дури во последните десет минути, кога по израмнетите 20-20 актуелните европски шампионки заиграа поцврсто во одбраната, направија мини-серија и ја одржуваа позитивата до самиот крај (Горбиц во последната минута само го ублажи поразот на еден гол разлика). Гримзбо беше одлична на голот со 12 интервенции, додека во фазата на нападот најдобра беше Нора Мерк со шест погодоци од исто толку обиди.
Романија дојде до огромна победа во пресметката со Чешка, со што Романките се наоѓаат на чекор до полуфиналето (во последното коло потребно им е реми со Данска). Кристина Неагу повторно беше феноменална постигнувајќи десет гола трет меч во низа, а одлична беше и Пинтеа со шест погодоци, вклучувајќи го тука и оној клучниот на половина минута до крајот со кој беа поставени конечните 30-28.
Резултати: Романија – Чешка 30-28, Норвешка – Унгарија 24-23, Данска – Русија 26-26.
Табела: Норвешка 8, Романија 6, Данска 5, Русија 3, Чешка 2, Унгарија 0.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.