Сакаше патриотски песни, но многу имаше желба да пее за љубовта. Беше човек со голема душа, другар, сакаше друштво, обожаваше да се смее. Во неа имаше многу љубов, вели за Есма Реџепова Теодосиевска, Борче Нечовски, кој е автор на текстови за неколку нејзини песни, пишува „Дневник“.
Kралицата на ромската музика почина вчера по кратко боледување на 73-годишна возраст.
Ќе биде запаметена по нејзиниот несекојдневен вокал, многуте хитови и хуманоста. Нејзината соработничка и пријателка Зорана Kостова вели дека до последен миг имала голема желба за живот и посакувала повторно да се искачи на сцената.
– Замина најмилото мое, ненадејно и многу брзо. А имавме толку многу планови. Последната желба и беше куќата да биде музеј на хуманоста и музиката на Есма Реџепова и Стево Теодосиевски. Остави многу песни и добри дела. Добро е што неодамна се појави и монографијата за неа – открива Kостова.
Животниот пат и блескавата кариера на Есма Реџепова-Теодосиевска во нејзината 55- годишна кариера се опфатени во монографијата „Есма“ на истакнатиот публицист Славе Kатин. Обемната биографска приказна е сместена на 410 страници. Делото е илустрирано со фотографии, кои во контекст на текстовите и хронологијата доловуваат автентична слика и заокружуваат една вистинска животна и уметничка приказна за естрадната ѕвезда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


