Македонија да се фокусира на планински, бањски и транзитен туризам, не само на езерски и градски, да го исчисти ѓубрето особено околу туристичките места, да ја координира соработката меѓу институциите и приватниот сектор во дејноста и да ги врати домашните гости, порача денеска Стопанската комора.
Како што беше речено на прес конференција, речиси ништо не е сторено, а голема е можноста за развој и во алпинизмот, пештерскиот, ловниот и религиозниот туризам.
-За сето ова се неопходни сериозна патна и хотелска инфраструктура, квалитетен персонал, транспорт и ресторански услуги. Македонија нема доволно развиени центри за развој на планинскиот туризам, ниту тур операторите имаат што да понудат. Од вкупно пет или шест бањи кои биле активни во минатото, сега повеќето се оставени на забот на времето. По должината на Коридорот 10 или на другите патни правци низ земјата каде транзитираат странски гости не е изграден ниту еден хотел, нема ресторан, преноќилиште, мотел, нема никакви услови за одмор, нема менувачница никаде по патот и ако туристите сакаат да направат кратка пауза мора да се пренасочуваат за излез од автопатот- укажа заменик претседателот на Здружението на угостителството и туризмот при Комората Славе Сирачевски.
Според него, на Попова Шапка со децении не е изграден нов хотел, а инвестициите во постојните објекти се сведени на минимум, и стазите се одржуваат само формално, жичарата од Тетово не функционира и патот Тетово – Попова Шапка е во исклучително лоша состојба. -Маврово има само неколку хотели, Крушево еден, Пониква ниту еден, а скицентарот Кожуф пропадна- посочи Сирачевски, додавајќи дека регионот од овој аспект е многу поконкурентен не само со цена туку и со квалитет.
Македонија, дополни Сирачевски, уште во седумдесеттите години имала стратегија за развој на Солунска глава, но досега воопшто не се преземени конкретни активности иако има основа за тоа, додека термалните води некаде се уште се користат за загревање оранжерии наместо за развивање бањски туризам.
-Ако сериозно не се сфатат забелешките на туристичките работници, нема да може да се реализираат проекциите од стратегијата за туризам до 2020 година кои предвидуваат туризмот да учествува со пет отсто во БДП- истакна Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора.
Сугерирајќи повеќе предлози за поттикнување на туризмот, Асим Меџедовиќ од Здружението рече дека најпрво е неопходно да се зголеми соработката меѓу државните институции и бизнис секторот во насока на заедничко креирање на политиките, да се спречи нелојалната конкуренција од т.н. „човек агенции“ и да се подигне свеста за хигиената како еден од основните постулати за развој на туризмот.
Во однос на враќањето на домашните туристи Меџедовиќ напомена дека би било добро државата да обезбеди вид стимулации особено вон сезона и за категориите граѓани како студентите, пензионерите и лицата со посебни потреби, да организира културни настани во туристичките центри и кога не е сезона, а туристичките агенции во својата понуда да стават акцент на алтернативниот туризам кој станува се поатрактивен. Статистичките податоци велат дека од 2010 до јули 2016 година во државниот Буџет се слеале околу 900 милиони евра од девизниот ефект на туризмот, туристичката такса и данокот на додадена вредност за храната во угостителските објекти. Тоа, според Михајловска Василевска, покажува колку голем е капацитетот на македонскиот туризам и колку уште има простор да се работи на ова поле.
И натаму најбројни туристи во земјава се Турците, а најголем број ноќевања бележат гостите од Холандија. Од 2010 до 2016 година субвенциите за странски туристи изнесувале вкупно 10 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
180.000 туристи блокирани: До најпопуларните грчки острови денеска нема одење, прашање е кога ќе може
-
Туристите збунети, Грците се изгубија во преводот на таблите (Фото)
-
Нови студиски програми на англиски јазик на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид (видео)
-
Размислете за Италија, Владата подарува вили и замоци