Утрово, по кратко и тешко боледување на 73 годишна возраст почина кралицата на ромската музика, нашиот музички амбасадор во светот, Есма Реџепова Теодосиевска.
Есма Реџепова, уште нарекувана и „кралица на ромската музика“ во светски рамки, примадона на европското пеење, национален уметник, која во 2013 година ја доби и престижната титула национален уметник на Република Македонија, во својот живот има одгледано 47 деца и одржано голем борј хуманитарни акции, денеска ја изгуби битката со болеста.
Есма е најмаркантното музичко име на македонската, балканската и светската музичка фолк-сцена, таа е жена која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината. Жената со божествениот глас почнувајќи од првото музичко откривање на 11 март, благодарение на ангелскиот глас стана светски прифатена и призната, таа со песната, темпераментот и ромскиот музички ритам го освои светот. Есма стана лесно препознатлив македонски бренд во светот со својата оригиналност и музичка виртуозност.
Првпат пеела пред Тито во 1961 година, кога гостин на маршалот му бил индонезискиот претседател Сукарно. Со нејзините песни се расположил и либанскиот лидер Муамер Гадафи.
Кога пеела во Шпанија мислеле дека е шпанска Ромка. Во Русија публиката помислила дека е од узбекистан. Во Келн публика од 20.000 гледачи занемела пред нејзиниот глас. Во концертната сала завладеала апсолутна тишина како никогаш дотогаш.
Есма двапати беша номинирана за Нобелова награда за мир. Првпат во 1987 година, како кандидат на Црвениот крст на Југославија, а потоа сега како адут на Светската организација на Ромите, со поддршка на 76 невладини организации и лајонс-клубовите во земјава.
Есма никогаш не родила свои деца, но посвоила и одгледала 47. Сите тие растеле и се школувале во ансамблот „Теодосиевски“. Мајката на најмногу деца во Македонија има повеќе од 100 внуци и правнуци.
За деталите околу погребот јавноста ќе биде дополнително информирана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.