Челниците на Реал Мадрид и Борусија Дортмунд го искористија натпреварот на нивните екипи во Лигата на шампионите со цел да поразговараат за можната соработка на двата клуба. Таа информација одекна во шпанските медиуми, како во мадридските така и во каталонските. Причината е очигледна: борбата на шпанските великани за засилувања и меѓусебно „минирање“.
Дека Реал е заинтересиран за габонскиот напаѓач во редовите на „Милионерите“ Пјер Емерик Обамејанг не е никаква новост, но изненадување е интересот за Османа Дембеле и особено Јулијан Вајгл.
Вајгл на мета на Реал и Барселона
Токму Вајгл е причината за паниката која настанала во редовите на Каталонците. Имено, Барселона е заинтересирана за 21-годишниот германски играч за врска и наводно веќе презела конкретни чекори.
Во Реал за тоа очигледно дознале па низ шпанските медиуми се појави информација дека Флорентино Перез извршил притисок на Рајнхард Раубал да не го продаде Вајгл во Барселона туку да му го препушти на Реал. Мадриѓаните наводно им предложиле да ги откупат тројцата играчи во пакет, со можност за трампа односно противуслуга во вид на препуштање на некој од своите играчи на Борусија, што наводно била интересна опција за германскиот клуб.
Барса бара замена за Бускетс
Барселона ова лето доведе скапоцено засилување во средниот ред, Португалецот Андре Гомеш, но на „Камп Ноу“ заклучиле дека и понатаму немаат адекватна замена за Серхио Бускетс на местото дефанзивен играч за врска. Гомеш сепак не е таков тип на играч, додека Хавиер Маскерано веќе подолго време игра на друга позиција, а освен тоа тој повеќе е деструктивец, отколку играч од кој би започнувал секој напад на Каталонците.
Некои мислат дека, а меѓу нив наводно е и Жозе Мурињо, дека Барселона во последно време има големи проблеми токму поради падот на формата и заморот на Бускетс, кои многумина го гледаат како еден од клучните играчи на Каталонците во последните години, кога станува збор за организација на играта и балансот помеѓу одбраната и нападот.
Бускетс очигледно повеќе не може да го игра баш секој натпревар на високо ниво и му треба достојна замена. Барселона му „фрлила око“ на Вајгл кој поради својата младост и неспорен квалитет би можел да биде долгорочно заменско решение, а можеби и прва опција ако Каталонците одлучат да го продадат Бускетс. На „Камп Ноу“ наводно во младиот Германец гледаат огромен потенцијал и засилување кое многу би им помогнало во враќањето на доминацијата во Европа.
Реал ја минира Барселона
Тоа го приметуваат и Мадриѓаните и поради тоа наводно по секоја цена сакаат да го спречат или барем колку можат да и отежнат на Барселона да дојде до играч со кој би ги решиле проблемите. Каталонците сметаа дека можат да го добијат Вајгл за дваесетина милиони евра, но изгледа дека направиле грешка.
Оној момент кога Реал влегува во игра цената значително расте. Можеби станува збор само за „минирање“ надвор од теренот и единствена намера на Мадриѓаните, бидејќи не би било прв пат Реал и Барселона да си подметнуваат нога со цел да ја зголемат цената на играчот кој го бара другиот клуб, а притоа воопшто не планираат да го доведат истиот. Како и да е, „војната“ на Реал и Барселона околу младата ѕвезда на Борусија веќе започна и големо прашање е кој ќе ја однесе победата. Ако се покаже дека Вајгл е навистина таков капацитет каков што многумина го сметаат, исходот на оваа војна би можел да влијае на идниот однос на силите помеѓу двата големи ривали.
Извор: Дневник.хр
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.