| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Нова опрема вредна 140 илјади евра за Здравствениот дом во Неготино

Дигитален рентген апарат за мамографија и останата најсовремена медицинска опрема во вредност од над 140 илјади евра за Здравствениот дом во Неготино, комплетна рехабилитација на автопатска делница Неготино – Демир Капија во вредност од околу 5 милиони евра, реконструкција на регионалниот пат Неготино – Кавадарци, инвестиција вредна 1 милион евра и изградба на две кошаркарски игралишта во општина Неготино.

Ова се дел од проектите што ги најави Никола Груевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на Коалицијата „За подобра Македонија“ на денешната средба со жителите на неготинското село Тимјаник.

– Ќе го опфатиме Тимјаник со проектот „Рурални развојни зони“, со кој се предвидуваат даночни и други ослободувања, како и финансиска помош за лица кои сакаат да отворат бизнис во руралните подрачја. Ќе реализираме и голем број проекти од значење за овој регион што ќе донесе бенефиции и за Тимјаник, рече Груевски.

Еден од најкрупните проекти за овој регион, нагласи е Агро пазар Македонија, замислен како интегрирана зона помеѓу Неготино и Демир Капија во која ќе бидат застапени складишни центри, трговци и пакирни компании, и други од синџирот на набавка на свежи и преработени земјоделски производи, кои ќе се дистрибуираат во земјата и странство.

– Со концентрација на производителите и откупувачите ќе се достигнат конкурентни и реални пазарни цени, можноста за рушења на цените се сведува на минимум, а тоа е важно за производителите да го добијат заслужениот износ на надокнадата, рече Груевски.

Потсетувајќи на поволностите што ќе се нудат на македонските земјоделци во наредните четири години, Груевски рече дека се планира со Системот за наводнување „Градот – Смаилица“, во општините Неготино и Кавадарци да се опфатат нови 500 хектари земјоделска површина. Се планира, додаде,  изградба на најголемиот дел од националниот гасоводен прстен, на голем дел од дистрибутивната мрежа, како и поврзување со соседите со нови водови, изградба на преку седумдесет канализациски и водоводни системи во сите општини во вкупна вредност од 59 милиони евра, проект за греење на пелети, каде ќе се дадат субвенции за пелети и купување на печка за пелети, а ќе се овозможи и субвенција од 300 евра за вградување на плински уред за автомобилите што се произведени до почеток на  2006 година.

– Во новата програма предвидуваме до крајот на 2020 година да ја намалиме стапката на невработеност на ниво под 18 отсто, и да се креираат околу 70.000 нови работни места. Токму компанијата Lubrinaft од Република Полска донесе одлука да инвестира во Македонија во производство на хидраулични масла и други масла за подмачкување во Неготино. Оваа инвестиција ќе достигне до 10 милиони евра и ќе отвори нови 100 работни места и тоа наредната година, со планови за натамошно проширување, потенцира Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top