| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Поддршката за земјоделците ќе продолжи и во наредните четири години

gr

За земјоделците во неготинско само во последните пет години доделени се субвенции во вредност од 17 милиони евра. Таквата поддршка ќе продолжи, бидејќи по 150 милиони евра субвенции за земјоделците во наредните четири години се загарантирани без да имаме штрајкови, протести и бунтови како пред 2006 година, зашто ние не го гледаме тоа како некое нужно зло, туку како заслужено добивање помош како што добиваат земјоделците низ цела Европа.

Ова го порача Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на Коалицијата „За подобра Македонија“ во ИЕ 4 на денешната средба со жителите на Криволак, Неготинско.

– Кога дојдовме во Владата, СДСМ почна да игра мајтап со нас дека сме биле земјоделско-народна влада и мислеа дека со тоа не навредуваат. Не, со тоа ни направија чест затоа што признаваа дека работиме за народот, за македонските земјоделци, затоа што од нив сме избрани, за нив помагаме и така и ќе продолжиме во иднина, потенцира Груевски.

Зголемувањето на субвенциите за земјоделците, посочи, ќе се рефлектира и во делот на набавка на трактори и земјоделска механизација што одеше по системот 50:50. – Досега 50 отсто плаќаше државата, а 50 отсто земјоделецот за набавка на трактор или друга земјоделска механизација. Сега таа субвенција по изборите ќе порасне на 60:40, односно 60 отсто ќе покрива државата, 40 отсто земјоделецот, а тракторот оди кај земјоделецот, рече Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави и уште три нови крупни проекти за земјоделците.

– Едниот е за системот „капка по капка“. Државата ќе покрие 80 проценти од трошоците за набавка на системот „капка по капка“ и изработка на бунар. Вториот е за оние што се занимаваат со одгледување добиток. Државата ќе им помогне да го заменат својот ниско приносен добиток со високоприносен. За таа цел трошокот за набавка на такви видови добиток 80 отсто ќе го поддржи државата со финансиски грант. Тоа го нема никаде и е нова етапа во развој на македонското земјоделство, потенцира Груевски.

Исто така, посочи, ветуваме и доделување неповратни средства во висина до 10.000 евра за секој млад земјоделец до 40 години којшто ќе сака да започне земјоделски бизнис. Се предвидува и субвенции од 6.000 денари по хектар за подигнување насади со брзорастечки плантажни дрвја.

– Го надминавме и деценискиот проблем со бесправно подигнатите лозови и овошни насади на државно земјоделско земјиште. Досега само во неготинско се легализира над 540 хектари лозови и овошни насади и на земјоделците им се склучија над 490 договори за закуп. Во следниот период се очекува легализацијата и за преостанатите 70 хектари, потенцира Груевски.

Предвидуваме и низа проекти за поддршка на невработените лица за поттикнување отворање сопствени бизниси.

– Поддршка за самовработување „Од идеја до бизнис“ со грант од 4.000 евра, програма за самовработување со кредитирање, грант за рурален туризам, самовработување со кредитирање вршители на земјоделска дејност и услужни дејности и самовработување на лица што продаваат на пазар. За сите овие работи информации може да се добијат во Агенцијата за вработување. Предвидуваме и зголемување на социјалната помош за 50 отсто до 2020 година, истакна Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top