Генералната секретарка на МКФ, Моника Гавриловска, е избрана за нов член на младинската комисија на ФИБА. Европската куќа на кошарката одлучи Моника Гаврилоска да ја награди назначувајќи ја во Комисијата која се грижи и работи за развојот на младинската кошарка во светот.
Ова признание, како што велат од МКФ, е само уште еден доказ плус за професионалноста, квалитетот, несебичноста и посветеноста кон кошарката на генералната секретарка на МКФ, но и определбата на Кошаркарската федерација за максимална посветеност токму кон младите категории.
– Огромна благодарност до ФИБА Европа за назначувањето на член на оваа комисија. Европската куќа на кошарката ја препозна мојата посветеност особено во младинските категории. Тие го вреднуваат тоа што за краток период успеавме да ги консолидираме редовите во нашата федерација, а резултатите веќе се гледаат во категориите за играчи до 14 години. Потребно е да се постави добра база и ангажираност за играчите уште од најмала возраст, за да може да имаме развој и напредок и во сениорските конкуренции – изјави за „Република“ Моника Гавриловска пред патот за Прага, каде што ќе се одржи ждрепката за претквалификациите за светскиот шампионат во 2019 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.