„Душко Гојковиќ квартет“ е насловот на претстојниот концерт на Македонската филхармонија, на кој ќе настапи џез-великанот, еден од најславните џез-трубачи во светот, Душко Гојковиќ. На 15 декември во Домот на АРМ во 20 часот, под диригентство на маестро Борјан Цанев, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапат и членовите на квартетот на Душко Гојковиќ во состав: Ренато Кико на пијано, Мартин Ѓаконовски – Шпато на контрабас и Владимир Костадиновиќ на тапани.
Концертот „Душко Гојковиќ квартет“ ќе значи македонска промоција на извонредниот албум „Душко Гојковиќ со гудачи“ на кој маестро Гојковиќ соработува со извонредните музичари – реномираниот македонски контрабасист Мартин Ѓаконовски-Шпато, кој гради успешна кариера во Германија и во Европа годиниве наназад, како и пијанистот Ренато Кико и повеќенаградуваниот тапанар Владимир Костадиновиќ, кои исто така градат завидна кариера во Њујорк. Албумот е всушност првично објавен како „Бранденбург концерт Душко Гојковиќ стринг“ затоа што е снимен во живо со гудачите на Симфонискиот оркестар од Бранденбург, а на кој се снимени композициите на Гојковиќ аранжирани од брилијантниот британски саксофонист и аранжер Питер Кинг. За гудачи и џез-квинтет албумот излезе во 2013 година, а една година подоцна во Србија се појави албумот „Latin Haze“ снимен со Биг-Бендот на РТС. Во 2015 го објави „Ења рекордс“ со издание во Јапонија. Инаку, голем дел од албумите на Гојковиќ се издадени за престижната „Ења рекордс“.
Не е претерување ако се каже дека Душко Гојковиќ (1931) е еден од најдобрите џез-трубачи во светот. Овој извонреден музички уметник, роден во Јајце, кој најпрвин студирал на Музичката академија во Белград, а потоа и на универзитетот „Беркли“ во Бостон (САД), во текот на долгогодишната кариера создал препознатлив израз, кој се одликува со прецизност, брилијантна техника и топол звук. На некој начин, ликот и делото на Душко Гојковиќ се огледало на голем период од историјата на џез-музиката. По петгодишното членување во Биг-Бендот на Радио Белград, решил да ја гради кариерата во Германија, а потоа и секаде во светот. Уште од младите денови, тој почнал да соработува со џез-великаните, за денес и самиот да стане дел од нив. Соработувал со имиња како Дизи Гилеспи, Гери Малиган, Стен Гец, Сони Ролинс, Ли Кониц, Чет Бејкер, Џони Грифин…, издавајќи многу албуми и учествувајќи на многубројни изданија на врвни уметници. Познатиот трубач, композитор, аранжер и диригент зад себе има значајни турнеи и настапи на врвни џез-фестивали во Европа и во САД со разни состави истакнувајќи се особено како солист. Првата плоча во Германија ја снимил во 1956 година кога настапувал на прочуениот Џез-фестивал во Франкфурт. Истата година почнал да настапува во џез-клубот „Студио 15“ кога се случила и првата средба со легендарниот Мајлс Дејвис. Додека Гојковиќ свирел соло-труба, на вратата се појавил Дејвис и се качил на бината заедно со Перси Хит, неговиот басист. Гојковиќ по тој повод рекол: „Бев пресреќен, сакав да седнам и да слушам, но тој ме повика да свирам со него. Ниту денес не можам да ја опишам возбудата“.
Неговиот личен репертоар е мошне оригинален и е инспириран од фолклорот – мелосот и ритамот на балканското поднебје, а токму тоа придонело за неговата популарност во светот. Критиката го оценува како музичар со огромна енергија, врвен импровизатор, лиричар што пораснал на традицијата на мејнстрим џезот и би-бапот.
Во едно интервју, маестро Гојковиќ вели: „Џезот е слобода, затоа што е индивидуална работа. Секој го свири на свој начин и мора да најде личен звук. Како што во една пригода Мајлс ми рече во ’Брдленд‘: ’Не е важно што свириш, туку како свириш‘… Џез-публиката и џез-музичарите се како една фамилија. Одиш од тука во Париз или во Токио, во други јазици и нации, но низ музиката веднаш се воспоставува контакт и луѓето знаат за што зборуваш. Во џезот нема граници, а тој ги соединува разните народи!“
Душко Гојковиќ ја доби наградата за животно дело „Ехо џез“ во 2014 година во Хамбург, а една година подоцна доделена му е музичка награда за животно дело на градот Минхен каде што и живее, а која се доделува на секои три години за оддавање почит на музичари и институции од исклучително значење за градот Минхен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.