| четврток, 6 декември 2018 |

Лекари зрачеле погрешна жена и ѝ предвидувале скора смрт

stari-bolnica

Постара жителка на Марибор била изложена на голема доза зрачење, а на семејството подоцна му било соопштено дека ѝ нема спас и дека треба да се подготват за најлошото, но најлошото не била смртта на жената, туку дека се работи за лекарска грешка.

Поради административна грешка жената е заменета со пациентка со исто име и презиме, како и на иста возраст, во терминална фаза на неизлечлив рак, која во меѓувреме починала.

Со случајот сега се занимава правобранителството, повеќе здравствени установи и нејзината матична лекарка, но и полицијата, пишува во среда мариборскиот дневен весник „Вечер“.

Синот и ќерката на неподвижната 84-годишна жена раскажале дека биле шокирани од повикот нивната мајка да се јави на зрачење во Љубљана бидејќи не знаеле дека е болна, а ниту таа нешто им кажала, но мислеле дека им ја прикривала здравствената состојба, па отишле кај нејзината матична лекарка заради консултации.

Лекарката прво рекла дека ниту таа не знае ништо за тоа, но потоа ги замолила да излезат од ординацијата. Повикала некого по телефон, а потоа им издала упат за зрачење на Онколошкиот институт во Љубљана.

Кога и по неколкунеделно зрачење со силна доза не добиле никакви резултати, побарале информации во болницата во Марибор, каде што нивната мајка била претходно оперирана од жолчка.

На крајот им признале дека станува збор за забуна, односно замена на идентитетот, па поради тоа зрачеле погрешна личност.

Се претпоставува дека до грешката дошло од недоволно внимание во комуникацијата меѓу болницата во Марибор и онкологот во Љубљана, а матичната лекарка на пациентката одбива одговорност.

Жената по интензивното зрачење имала големи проблеми и мачнини, а на грбот и по три месеца од зрачењето ѝ се гледаат големи модринки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top