Судот во Шпанија ги осуди бугарските морнари од бродот „Свети Николај“, фатен пред четири години со три тони кокаин на парична казна од рекордни една милијарда и 150 милиони евра, изјави нивниот адвокат, Владимир Владимиров, пишува „Телеграф“.
– Оваа парична казна е речиси невозможно да се исплати, беше категоричен адвокатот.
Шпанскиот суд ова лето ги осуди бугарските морнари на затвор, при што секој од 21-те морнари добија меѓу шест и десет години затвор.
– Четиринаесет Бугари од екипажот на „Свети Николај“ се осудени на по шест години и еден месец затвор, се наведува во одлуката на Судот и се додава дека тие на шпанската држава и должат вкупно 300 милиони евра.
Еден од морнарите е осуден на шест години затвор и само тој е осуден да плати 400 милиони евра.
Шестмина од морнарите, кои се осудени на по десет години затвор треба заедно да исплатат 450 милиони евра.
– Тие парични казни се пресметани согласно коефициентот, кој се додава и вредноста на запленетата дрога, појасни Владимиров. Тој даде споредба дека еден од тројцата лидери на криминалната група, Шпанецот Хозе Алварес Отеро, кој е осуден на 15 години затвор, треба да плати и парична казна од една милијарда и 800 милиони долари.
Во моментов шестмина од Бугарите, кои се осудени на по десет години затвор се зад решетки во Мадрид. Меѓу нив е и капетанот на „Свети Николај“, Иван Станчев. Останатите 15 се во Бугарија. Освен нив за рекордните три тони кокаин се осудени и уште десетина државјани на други земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.