Со стоечкии овации и десетминутен аплауз беше наградена претставата „Електра“ на Андриј Жолдак на Македонскиот народен театар (МНТ) кој гостуваше на петтото издание на Фестивалот во Клуж, Романија, соопштија од националниот театар.
„Ова беше исклучително гостување кое долго ќе се памети, а за актерската екипа во состав: Дарја Ризова, Александар Ѓорѓиески, Камка Тоциновски, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Александар Михајловски, Арна Шијак, Калина Трипкова и Мишел Митевска која до последен атом ја пренесе својата креативна моќ и енергија, зборуваат позитивните коментари и честитките по изведбата.
Ова исклучително дело во адаптација и режија на Андриј Жолдак беше во селекција на извонредни продукции и тоа од најновите театарски трендови, што ја покажа и врвната фестивалска програма во која се прикажаа: „Фауст“ на режисерот Томаж Пандур, дијалог/разговор со големото британско режисерско име на денешницата Деклан Донелан, „Играчки мрачна приказна“ и „Крај на партијата“ на романскиот режисер Габор Томпа, „Добриот човек од Сечуан“ на универзитетскиот професор за школата за уметности во Колумбија, Андреј Шербан и многу други.
Тоа значи дека МНТ уште повеќе ја зајакнува својата специфична естетика и продолжува да ја негува театарската традиција со врвни национални куќи и уметници од целиот свет, а тоа му дава свежина на театарот“ се вели во соопштението на МНТ.
Голем успех имаше и претставата „Разговори во четири очи“ во режија на Нина Николиќ, која се одигра на 1 декември во рамките на седмото издание на меѓународниот камерен театарски фестивал „АртОкраина“ во Санкт Петербург, Русија. Претставата исто така беше во селекција со врвни театарски куќи од: Русија, Англија, Италија, Полска, Белорусија и Романија.
Семејната драма која ги обработува темите кои не засегаат, приказната за горките сознанија за изгубеното време, пропуштените прилики, свесното жртвување и соочување со она што сме биле некогаш, што сме можеле да бидеме и она што сме, со одличната актерска игра на Амернис Нокшиќи – Јовановска, Нина Деан, Петре Арсовски, Благој Веселинов, Катина Иванова и Дамјан Цветановски, длабоко допире до руската публика. Поклонот беше проследен со голем аплауз и овации, а актерите и техничката екипа се уште ги споделуваат импресиите и приемот од меѓународниот камерен театарски фестивал „АртОкраина“ во Русија.
За 15 дена МНТ одигра 12 претстави во Полска, Романија и Русија и со ова ја заврши една од најуспешните турнеи во своето постоење.
Оваа година се реализираше и претставата „Соларис“ во копродукција со Винер фествохен кој е еден од најпрестижните фестивали во Европа. Светската премиера на „Соларис“ беше во јуни во Виена. Со својата врвна продукција и богата меѓународна програма МНТ се наметнува како еден од водечките театарски центри во Југоисточна Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.