| четврток, 6 декември 2018 |

Децата го прашаа: Ноле, зошто падна? Еве што им одговори

Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ во текот на својот престој во Белград одвои време и за средба со младите тенисери, тренери и спортски работници во Тенискиот сојуз на Србија.

Главната тема на разговор било влијанието на мислите врз резултатите во спортот, а Ѓоковиќ, помеѓу другите работи, зборувал и за психолошкиот пристап кон мечовите, тренинзите и другите професионални обврски.

Децата биле заинтересирани за детали поврзани со правилната исхрана и додатоците во истата, што треба да се јаде и пие во текот на тренинзите, но и пред и после натпреварите.

Повеќе од стотина деца присуствувале на настанот поставувајќи најразлични прашања.

Сепак, она кое веројатно сите ќе го памтат уште долго време било прашањето на едно 7-годишно момче од тенискиот клуб „Дрил“.

Прашањето гласело „Ноле, зошто падна?“

Новак на тоа само се насмеал, пришол кон момчето и му одговорил:

„Не паднав. Само седнав малку да се одморам за да се вратам уште посилен“.

Одговорот секако бил проследен со огромен аплауз, а веројатно ќе остане запаметен и како една од најдобрите лекции кои децата ја научиле тој ден.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top