Приватните превозници кои од 1 јануари ќе бидат вклучени во системот на електронска наплата на билетите заедно со Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ се подготвуваат за официјалниот почеток и ги ставаат на тест-период валидаторите што се инсталирани во нивните возила.
Од приватното претпријатие за јавен превоз „Мак експерес“ велат дека тие веќе почнале со пробно функционирање на системот на електронската наплата.И од „Слобода превоз“ велат дека прават интензивни подготовки за воспоставувањето на електронскиот систем на наплата.
Според одлуката на Советот на Град Скопје, плаќањето на надоместокот за секој изминат километар ќе почне да се применува од 1 јануари, при што до 31 април 2017 година плаќањето ќе се врши според привремена вредност. Тој период е пробен период за проверка, евентуална корекција и за правилно утврдување на параметрите за надоместокот од остварен километар. Последната одлука беше цената за километар да се утврдува според малопродажната цена на нафтата и ако е помала од 30 денари за литар, вредноста за изминат километар е 48,06 денари, а ако е повисока од 120 денари, вредноста е 87,66 денари.
Од 1 јануари парите од наплатата на електронските билети ќе ги собира Град Скопје, а потоа ќе им ги распределува на ЈСП и на приватниците според тоа кој колку километри изминал.
Kако ќе платат оние што ретко користат автобус?
Хартиениот билет за едно возење до 1 јануари може да се купи само кај возачот по цена од 35 денари откако од септември беше укинат на билетарниците кога целосно беше укинат и хартиениот билет за 10 возења, кој, пак, сега патниците може да го користат само со електронските картички „скопска“ и „моја скопска“ во рок од 15 дена.
Наместо хартиениот билет за едно возење кај возачот, од 1 јануари корисниците кај возачот ќе може да купат неперсонализирана картичка по цена од 150 денари, која ќе се продава и во мрежата на продажни места. Од ЈСП велат дека с` уште немаат информации дали во таа картичка со платената сума за нејзино купување ќе бидат вклучени пет бесплатни возења, но размислуваат да воведат промотивен период во кој ќе бидат вклучени повеќе гратис возења.
Неперсонализираните картички може да ги користи секој член од семејството, но не можат со една картичка да се возат заедно во исто време. Овие картички може да се купат во 35 билетарници на ЈСП, во 52 продавници на територијата на Скопје, а има и три автомати за издавање и дополнување на картичките.
Со вртење на бројот 185 и со приближување на мобилниот телефон до валидаторот патниците ќе може да го платат возењето и со мобилен телефон ако не им се исплати да купат картичка. Цената за едно возење, ако се плаќа со телефон, чини 40 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.