| четврток, 6 декември 2018 |

Шуто Оризари ќе добие отворен пливачки базен

Агенцијата за млади и спорт денес го објави Повикот за избор на изведувач за изградба на отворен пливачки базен – (комбиниран пливачки, ватерполо базен и базен за скокови во вода) во Општина Шуто Оризари. Согласно проектот, кој Агенцијата за млади и спорт ќе го реализира по добивање на соодветната градежно-техничка документација, базенот ќе биде со олимписки димензии 50метри х 25метри и со максимална длабочина до 3,5 метри, каде ќе можат да се одржуваат и меѓународни натпревари според правилата и критериумите на меѓународната пливачка федерација ФИНА.

Отворениот базен пред се, се гради поради задоволување на потребите на граѓаните на Шуто Оризари, потребите за изведување училишна настава и тренинг на пливачкичките школи како и за рекреативно спортување. Базенот ќе биде со две корита: едно големо базенско корито со максимала длабочина до 3,5 метри и едно мало базенско корито со длабочина до 1,2 метри кое ќе биде наменето за најмладите корисници и обука на непливачи. Исто така ќе биде изградена и скокалница за синхрони скокови. Ќе има поставен семафор со тајмер за следење на натпреварите.
Покрај базенскиот простор ќе се изгради и платформа за сунчање која ќе се користи и како гледалиште за посетителите. Базенскиот простор ќе биде достапен и за лицата со посебни потреби и ќе има 5 влезови за посетителите.
Пливачкиот спорт во Македонија е еден од најтрофејните спортови и секако е спорт кој ни дал голем број на олимписки спортисти.  Агенцијата за млади и спорт со последните потфати очекува да го врати пливањето на старите патеки и поради тоа со засилено темпо и посветеност вложува во развојот на спортско-пливачката инфраструктура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top