Првпат источна Македонија ќе добие централна клиничка болница во која огромен број од потребите на граѓаните што досега се остварувале во Скопје, ќе може да се остваруваат во Штип. Тоа ќе е од помош за граѓаните на Штип, но и за граѓаните на цела источна Македонија, изјави денес носителот на листата во ИЕ 3 од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
-Изградбата на оваа болница чини 37 милиони евра и се предвидени дополнителни средства за опремување и апаратура. Станува збор за апаратура која ќе се набави за оваа болница, но и за цела источна Македонија, односно 407 медицински апарати. На овој начин драстично ќе се подобри здравствениот третман на граѓаните. Ова е проект кој граѓаните го гледаат, не е празно ветување – вели Димовски.
Тој додаде дека во изминатиот период во Штип се вработени над 80 доктори, а голем дел од досегашниот и новиот кадар се упатени на едукации во странство и на специјализации.
-Вкупниот број на нововработени доктори во цела источна Македонија е околу 200, што значи онаа дупка што се создаде заради проблемите со раководење на здравството на СДСМ, полека се пополни и ќе успееме да имаме специјалисти во сите поголеми здравствени установи – потенцираше Димовски.
Носителот на ВМРО-ДПМНЕ во тројката додаде дека и во идниот период ќе продолжи драстично да се намалува цената на лековите кои досега се намалени 10 пати. Во програмата „Реално“ воедно е предвидено и донесување специјален закон за лекарската служба со кој на сите доктори и целиот медицински персонал ќе им се овозможи исполнување на барањата околу нивната работа, статус, како и безбедноста во работата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.