Агенцијата за храна и ветеринарство ја поздравува иницијативата на неколку европски земји за споредбено лабораториско испитување на квалитетот на повеќе производи кои се продаваат во различни европски земји.
Хрватската европарламентарка Билјана Борзан започна истражување на квалитетот на исти производи на пазарите во старите и новите членки на ЕУ. Со него треба да се покаже дали, на пример, прашоците за перење, супите, чоколадите, соковите, средствата за лична хигиена или детергентите од познати светски брендови се со ист квалитет во сите земји или за некои посиромашни е осиромашен и квалитетот.
Дали прашокот за перење на светски познатите брендови e со ист квалитет тука и во Германија и има ли ист вкус иста чоколада во Македонија и во Данска? Кај нас, Агенцијата за храна ја испитува безбедноста и квалитетот на производите. Кога се мисли на квалитет, се проверува дали она што е запишано на декларацијата соодветствува со составот. Но тој не се споредува со исти производи од други земји.
Прашањето за различен квалитет на исти производи во Европската Унија го отворија неколку членки пред Советот на ЕУ, по низа анализи на продукти кои покажале сомневање дека нивните граѓани јадат понеквалитетна храна од Германците или Французите. Словачка, со нејзиното претседателство на Советот верува дека ова важно прашање конечно ќе биде отворено и дека ќе се стави крај на двојните стандарди на квалитет, истовремено инсистирајќи на построга легислатива на европско ниво.
Некои од компаниите се „вадат“ дека мора да го менуваат составот на одредени производи за да го приспособат на поднебјето на кое се продаваат. На пример, различни држави имаат различна тврдост на водата со која се перат алишта, па составот се приспособува на неа. Исто така, прехранбената индустрија вели дека различниот квалитет на некои продукти на различни пазари се должи на особеностите на националните вкусови. Но дали сите веруваат во ова објаснување?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.