Дистрибутерската куќа „Катавеј“ во соработка со „Узенгија“ организираат Вечер на швајцарски филм, во среда (30 ноември), со почеток во 20 часот во киното „Фросина“ во Скопје и во Кинотеката на Македонија.
Ќе бидат прикажани два филма продуцирани во 2015 година, кои имаат по неколку национални и меѓународни награди. Еден од филмовите е „Земја на чудата“, кој ќе се прикажува од 20 часот во „Фросина“. Вториот филм „Куче“, пак, ќе има две проекции во иста вечер во две различни киносали – од 20 часот во Кинотека на Македонија и од 22 часот во „Фросина“.
Влезниците за настанот се бесплатни, а обезбеден е превод на македонски јазик.
„Земјата на чудата“ (Heimatland) е филм на режисерите Лиза Блатер, Грегор Фреи, Јан Гасман, Бени Јаберг, Кармен Жакие, Михаел Круменахер, Јонас Мејер, Тобијас Нeле, Лионел Руп и Мике Шајвилер. Десет режисери од новата генерација на филмски работници прикажуваат како различните луѓе во Швајцарија се справуваат со најлошата катастрофа што може да се замисли; да бидат зависни од други земји.
Во „Куче“, (Köpek), чиј режисер е Есен Исик се раскажува за еден обичен ден во големиот град Истанбул. Десетгодишниот Чемо продава хартиени марамчиња на улиците, Хајат е строго контролирана од својот сопруг, а транссексуалната Ебру го продава своето тело. Заедничко за сите тројца е тоа што имаат тајна љубов и прават се за да ги задоволат своите потреби, макар и за момент. Една автентична, нежна и вознемирувачка приказна за љубовта и смртта во турското општество на почетокот на 21 век.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.